| четврток, 6 декември 2018 |

Намален е бројот на вработени во јавната администрација

адми

-Јавниот сектор во Македонија брои 127.139 вработени во вкупно 1.266 институции што е речиси еден отсто помалку во однос на јули минатата година- соопшти денеска министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска.

Презентирајќи ги резултатите од регистарот на вработени што требаше да се воспостави заклучно со утре, но е веќе во функција, најмногу вработени има во секторот образование и наука, 34.200, и во здравството, 19.826, додека најмалку во судството и културата. Во институциите на централно ниво: собрание, влада, министерство, фондови, агенции, дирекции,…, се вработени 17.077 лица, во полицијата 11.359, а во одбраната 7.825. ­

-Бројката на вработените во јавниот сектор е намалена зашто изминатиов период се објавени исклучително помал број огласи, односно само неколку, за војската и полицијата, како и во други сегменти каде, поради потреба, се склучени времени договори за не повеќе од една година- истакна Арсовска Томовска на прес­ конференција.

Како што информира министерката, за дополнителна транспарентност, од идната недела на веб страницата на Министерството секој вработен во јавниот сектор со внесување на матичниот број ќе може да провери дали е внесен во регистарот. ­ Ваквиот начин на транспарентно и отчетно работење ќе придонесе за поголема доверба на целата јавност во врска со податоците за обемот и структурата на јавниот сектор.

-Податоците ќе бидат достапни и за стручната и научната јавност, државните органи и други заинтересирани субјекти- потенцира Арсовска Томовска.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерката објасни дека со новиот Закон за вработени во јавниот сектор сите институции се должни да направат функционална анализа, да се преструктуираат организациски и во актот на систематизација да стават толку работни места, колку што им се потребни. ­ Систематизацијата е ограничена: ако институцијата има 100 вработени, може да систематизира 150 работни места. Оваа бројка е предвидено да опаѓа скалесто, до 2019 година кога на 100 вработени ќе може да има само 110 систематизирани работни места. Целта на ваквото решение е потребата да се има солидна структура и пополнетост на работните места за што поефикасно функционирање. За новооснованите институции, пак, треба да се систематизираат повеќе работни места зашто тие треба постепено да се наполнат и за нив, поради тоа, не може да важи истиот режим како за веќе етаблираните институции. Регистарот на вработени во јавниот сектор се уште се полни и овој процес треба да заврши на 31 март годинава кога ќе биде објавен и првиот годишен извештај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top