| четврток, 6 декември 2018 |

Шведска ја откри својата темна страна

Одмаздничкото улично насилство е вознемирувачко од многу аспекти. Вознемирувачко е поради тоа што укажува дека група граѓани престанале да веруваат во ефикасноста на демократскиот систем и решиле да го земат законот во свои раце бидејќи дебатата и аргументите се заменети со брутална сила и бидејќи укажува на потенцијална ерозија на социјалните и на етичките правила

Има ли поостар нож што ја распарува структурата на општеството од заканата од физичко насилство врз основа на етничка припадност, националност, пол или политичка определба? Неодамнешните слики на млади мажи со качулки и облечени во црно што скитаа низ улиците на центарот на Стокхолм во потрага по „северноафрикански деца на улица“ за да ги „казнат“ за само нивното постоење ги потсетија Шведска и светот на најлошите елементи на европската историја.

Луѓето веднаш почнаа на социјалните медиуми да го изразуваат својот шок дека тоа може да се случи во земја како Шведска. Или, попрецизно, Шведска, каква што тие замислуваат дека е.

За жал, тоа се слики, кои светот е навикнат да ги гледа. Но не и од Шведска, земја што има глобална репутација за рамноправност, признавање на човековите права, како и поддршка за меѓународната правда. Ограничувањето на приемот на бегалци на крајот на 2015 година, најавата дека околу 80.000 баратели на азил може да бидат вратени во нивните матични земји, а сега и заканата од насилство на улица ја уништија сликата за земјата како бастион на толеранција и на прогресивна политика. Не е јасно дали некогаш ќе може да се поправи.

Кога огромен број бегалци и емигранти навалија кон Медитеранот во потрага по подобар живот минатата година, Шведска прими речиси 200.000 од нив. За една нација од 10 милиони таа бројка беше масовна, посрамувајќи многу поголеми земји од ЕУ, кои тврдеа дека не се во можност да помогнат. Таа великодушност се сметаше за пример на најдоброто од шведската социјална демократија. Додека другите земји даваа изговори и одолжуваа, Шведска премина од зборови на дела.

Не е првпат да го направи тоа. Откако Ирак беше бомбардиран пред една деценија, Шведска прими огромен број ирачки бегалци, додека САД примија само мал број од земјата што тие ја уништија. Откако САД го поддржаа соборувањето на демократски избраниот Салвадор Алјенде во Чиле во 1973 година, што доведе до бруталниот режим на Аугусто Пиноче, Шведска беше таа што прими политички бегалци од таа земја. Листата продолжува.

Меморијата за таа историја и неодамнешните хуманитарни напори на Шведска со сириските бегалци брзо исчезнаа и се заменија со сликата на една земја што не е поинаква од своите европски колеги. Тоа, можеби, не е сосема фер (според бројот на жители Шведска сѐ уште е една од најголемите странски даватели на помош во светот), но, како и со многу земји, голем дел од сликата на Шведска е комбинација од факти, полувистини и од митологија.

Кога екстремната десничарска антиимигрантска партија Шведски демократи првпат влезе во парламентот во 2010 година, со 5,7 проценти од гласовите, многумина ја опишаа како ништо повеќе од партија што протестира за едно прашање. Шест години подоцна, таа има нешто повеќе од 18 проценти, додека Социјалдемократите, партијата на убиениот премиер Олоф Палм, падна на 23 проценти, најнизок број откако почнаа да се спроведуваат анкетите. Некогаш беше смешно да се помисли дека ќе има само пет проценти разлика меѓу двете партии.

Тоа претставува егзистенцијална, социјална и политичка криза за Шведска. Иако бројот на членови на банди во потрага по „нешвеѓани“ во Стокхолм пред неколку ноќи беше околу 100, нивните дејства одекнуваа низ земјата и низ светот.

Одмаздничкото улично насилство е вознемирувачко од многу аспекти. Вознемирувачко е поради тоа што укажува дека група граѓани престанале да веруваат во ефикасноста на демократскиот систем и решиле да го земат законот во свои раце.

Вознемирувачко е бидејќи дебатата и аргументите се заменети со брутална сила. И вознемирувачко е бидејќи укажува на потенцијална ерозија на социјалните и на етичките правила според кои секојдневно се водат обичните граѓани и според кои големи групи луѓе можат да живеат заедно во, обично, тензичните, но понекогаш и прекрасни места што ги нарекуваме градови.

Ова не е Шведска каква што ја знае светот. Ова не е Шведска што многу Швеѓани ја знаат. Ова е Шведска што никој не ја знае.

Според официјалните процени, Шведска ќе одбие околу 80.000 луѓе што аплицирале за азил во земјата минатата година и околу половина од нив ќе бидат принудени да ја напуштат земјата против своја волја.

Министерството за внатрешни работи ги повика полицијата и властите за миграција да се подготват за нагло зголемување на депортациите и да се организираат чартер-летови за враќање на одбиените баратели на азил во земјата од која потекнуваат. Шведска ги повикува и другите земји од ЕУ, вклучувајќи ја и Германија, да разговараат за соработка за да се зголеми ефикасноста и да се осигури реализацијата на летовите, велат од Министерството.

Минатиот четврток министерот за внатрешни работи на Финска соопшти дека и Хелсинки планира да депортира околу 20.000 од 32.000 баратели на азил што ги прими во 2015 година.

– Во принцип, станува збор за околу две третини, односно ќе бидат одбиени 65 проценти од 32.000 лица што побарале азил во земјата – изјави Паиви Нерг, административен директор на Министерството, за агенцијата „Франс прес“.

Шведска примила повеќе од 160.000 барања за азил минатата година – убедливо најголем број во ЕУ како дел од населението. Меѓу 60.000 и 80.000 од нив ќе бидат одбиени – изјави министерот за внатрешни работи, Андерс Игеман, за шведските медиуми минатиот четврток.

Информацијата дека голем дел од лицата што побарале азил ќе бидат одбиени и дека една половина од одбиените лица ќе бидат присилно протерани, испраќа уште еден сигнал за бегалците дека веќе не се добредојдени во Шведска како што беа само до пред неколку месеци.

– Секако, тоа е начин да се рече дека ако дојдете тука и не можете да добиете азил, тогаш нема да може да останете. Можете да барате азил во Европа, но постојат голем број безбедни земји каде што нема војна и каде што нема да бидете прогонети, така што не мора да завршите во Шведска – рече Виктор Харју, портпаролот на Игеман.

Другите скандинавски земји ги засилија своите обиди да ги известуваат бегалците од регионите во светот разурнати од војна дека тие веќе не се атрактивна дестинација за бегалци. Норвешка минатата недела почна со депортирање на баратели на азил во Русија преку Арктикот, а новиот закон на Данска, кој ѝ овозможува на полицијата да конфискува пари и вредни работи од бегалци, предизвика остри меѓународни критики.

Шведска почна да воведува гранични контроли во ноември за да се запре бројот на баратели на азил што доаѓаат таму, односно бројот од 10.000 бегалци секоја недела. Во јануари направија да биде невозможно за бегалците да го преминат мостот што ја поврзува Шведска со Данска без да покажат пасош или возачка дозвола. Оттогаш бројот на бегалци е намален на околу 800 неделно.

– Ако остане на тоа ниво, очекуваме 45.000 барања за азил во 2016 година – сѐ уште многу голем број, но со кој може да излеземе на крај – рече Харју.

Другите 10.000 лица, чиишто барања се одбиени, ја напуштиле земјата по своја волја, соопшти Министерството за правда.

Вкупната стапка на одобренија за азил може да се зголеми во 2016 година, бидејќи рекордните 160.000 лица што поднесоа барања за азил во 2015 година вклучуваа повеќе државјани на Авганистан и на Сирија, кои полесно можат да добијат статус на бегалец во однос на другите групи, изјави Министерството за имиграција.

Сиријците добиваа автоматско право на постојан престој, но тоа беше укинато на крајот од минатата година и се замени со привремен престој во траење до три години. Сепак, тоа нема да влијае на начинот на кој се постапува со барањата за азил, велат од Министерството.

Бројот на нерешени барања за азил во системот значи дека ќе бидат потребни до две години за да се решат сите случаи на лицата што поднеле барања за азил во 2015 година, соопшти Министерството. Одборот за миграција сѐ уште се занимава со барањата од 2014 година, со просечно време на обработка од повеќе од осум месеци.

Граничната полиција соопшти дека енергично ги проширува своите активности и дека има за цел двојно да го зголеми бројот на полицајци во следните неколку години за да се соочи со задачата за враќање на одбиените баратели на азил, како и да се соочи со „значителниот ризик“ од луѓе што сакаат да ја избегнат депортацијата.

– Тоа што Владата го направи потврдува дека проблемот со враќање на државјаните во нивната матична земја ќе биде голема задача поради високите бројки – вели Џонатан Холст, портпаролот на Министерството за миграција.

– Ние сме многу загрижени дека во оваа ситуација Владата ќе ги намали процедурите и правата само за да се ослободи од нив. Веќе имавме предлог да се стави крај на правото на жалба – судовите ги одобруваат жалбите во околу 10 проценти од случаите – изјави Сана Вестин, претседателот на ФАРР, шведската Мрежа на групи за поддршка на бегалците.

– Подобро ќе беше ако владата ги гледаше бегалците како инвестиција во иднината на општеството, а не како товар. Ние имаме многу добра економија, делумно поради тоа што имаме голем број имигранти – додава таа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top