| четврток, 6 декември 2018 |

Опозициски игри со бегалци

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

 

Бегалската криза навидум ги подели опозициските експерти и аналитичари, но само околу формата на злоупотреба на проблемот. Целта и понатаму им е единствена – максимално да се искористи ситуацијата за политичко профитирање и за манипулирање на јавноста без никаква грижа за реалните предизвици и опасности со кои се соочува државата.

Додека едни ја обвинуваат власта дека нерешително се спротивставува на планот за отворање големи кампови во кои ќе бидат сместени десетици,стотици илјади бегалци, други, речиси истовремено, бараат со време да си легнеме на брашното и да правиме како што ќе ни кажат од Брисел. Така наводно ќе сме имале простор да се надеваме на поголем политички ќар.

И двете тези им се темелат на претпоставка дека Груевски веќе се испазарил со Брисел. Недоумицата е „за што“? Првите тврдат дека прифаќањето Македонија да биде претворена во голем бегалски камп е пакетот со кој Никола Груевски ја купил благонаклонетоста на Брисел, вторите, пак, обвинуваат дека се доцни со реакцијата и се обидуваат да пратат сигнал до меѓународниот фактор дека опозицијата е подготвена да прифати сѐ што ќе се побара за да си го поврати чадорот. Добро е што конечно барем дел од опозицијата сe изјасни против камповите, лошо е што проблемот го видоа по речиси една цела година во која институциите на државата со максимални напори се обидуваа да ја држат ситуацијата под контрола, а истите овие „загрижени“ аналитичари ги обвинуваа за нехуманост. Најлошо е што опозициските медиуми свесно го држат отворено ова прашање за да ја манипулираат јавноста и покрај конзистентниот став на власта уште од минатата година, а тоа е: Македонија нема да гради бегалски кампови.

На секој реален и малку упатен му е јасно дека бегалците со себе не носат само економски, туку и сериозен безбедносен ризик, кој може и тоа како да се одрази не само на животот на граѓаните туку и на стабилноста на државата. Впрочем, никој не посакува на нашите улици да се пресликаат сцените кои во последниот месец ги гледаме во Германија, Австрија и во Шведска. Уште посериозен е ризикот од потенцијалните терористи кои како бегалци, наместо во земјите од западна Европа, ќе завршат во овие кампови. Да не споменуваме дека за обезбедување на тие големи бегалски кампови ќе треба да бидат ангажирани голем број припадници на безбедносните служби, со што драматично би ослабнал нивниот капацитет, а со тоа државата би се изложила на сериозен ризик дури и од помали и помалку опасни криминално-терористички групи. Во безброј наврати е потенцирано дека државата со два милиони жители и 10.000 припадници на безбедносните сили нема ниту економски ниту безбедносен капацитет да обезбеди сериозни услови за згрижување на десетици,стотици илјади бегалци. Во исто толку наврати надлежните државни институции повторија и пред македонската јавност и пред меѓународната јавност дека ова не е наш проблем, но дека сериозно и одговорно ја прифаќа улогата на партнер на ЕУ во решавање на кризата во рамките на можностите. Во конкретни мерки тоа значи дека македонската граница ќе биде отворена додека има слободен проток на бегалската траса кон север. Во моментот кога ќе биде спуштена рамката во Германија и во Австрија, истото ќе го направи и Македонија. Така, секој што инсистира Македонија да го понесе товарот од бегалците, дефинитивно не ѝ мисли добро на државата.

Точно е дека во повеќе наврати Европската унија ја планираше Македонија како идеално место за подигање на вакви мегакампови за бегалци и на тоа „Република“ предупредуваше уште минатата година. Но исто така, мора да се потсети дека институциите во многу наврати, јасно и гласно го отфрлаа тој план, дури и во моменти кога опозицијата жестоко ја критикуваше владата дека одлуката за построга контрола на граничната линија не овозможува хуман однос на бегалците.

Поразително е што опозицијата дури сега се вклучува во проблемот и тоа од теснопартиски интереси без да ја интересираат ризиците. Нивниот страв единствено произлегува од можноста Груевски да поентира од бегалската криза и решени се да направат сѐ што е можно да понудат повеќе во Брисел, макар ја преминале црвената линија со што би нанеле и несогледливи последици на државата.

За потсетување, истите тие опозициските медиуми и нивните аналитичари што сега се загрижија за бегалските кампови, во изминатата година со ниту еден збор не го искритикуваа Брисел затоа што срамно ја остави Македонија сама и од свои пари да се соочува со предизвикот. Додека меѓународниот фактор го држеше чадорот над нивниот лидер, никој од медиумските перјаници на опозицијата немаше волја да ги наруши односите со своите финансиери во интерес на македонските граѓани. Наместо тоа, со нивната лицемерна пропаганда се обидуваа на секој можен начин да ја пренесат искривената слика за случувањата на јужната граница, префрлувајќи ја вината врз граѓаните, полицијата и врз македонските власти.

Опозициските аналитичари, пак, кои ја застапуваат другата теза, дека Македонија требала сама да побара кампови на своја територија за да го искористи политичкиот момент да поентира кај меѓународната заедница, треба да бидат свесни дека наградата е повеќе од заслужена и со ова што досега го прави државата. Европската унија ќе мора да го препознае и во краток рок да го награди искрениот и сериозен придонес на Македонија во соочувањето со кризата. Со тоа ќе покаже дека солидарноста и пожртвуваноста на Македонците не се залудни. Уште во септември минатата година предупредив, и сѐ уште стојам на ставот дека доколку Брисел продолжи да нѐ експлоатира за свои цели без притоа да оддели реален дел од колачот за земјите од регионот, не само што ризикува драстично опаѓање на поддршката кај граѓаните, туку и отворање сериозен безбедносен проблем, кој може за миг да го запали Балканот.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top