| четврток, 6 декември 2018 |

ФЗОМ промовира нови електронски услуги

ФЗОМ денеска ги промовираше трите нови услуги: електронско барање за рефундација за болничко лекување, за рефундација на лекови на рецепт и за рефундација на вграден и потрошен материјал

Фондот за здравствено осигурување на Македонија продолжува да промовира нови електронски услуги, во рамки на месец февруари кој е прогласен за месец на електронски услуги. Денес, Фондот на својот портал промовира три нови електронски услуги за правата кои се гарантирани врз основа на закон за осигурениците кои досега биле достапни само во хартиена форма, а од сега ќе можат да ги добијат поедноставно, побрзо и поефикасно по електронски пат.

ФЗОМ денеска ги промовираше трите нови услуги: електронско барање за рефундација за болничко лекување, за рефундација на лекови на рецепт и за рефундација на вграден и потрошен материјал.

Првата електронска услуга се однесува на рефундација на средства за извршено болничко лекување кога осигуреникот немал здравствено осигурување од различни причини. Во овие случаи кога на осигуреникот од различни причини не му е е платен здравствениот придонес повеќе од 60 дена, здравствената услуга треба да ја плаќа во целост, а потоа откога ќе се подмири здравствениот придонес осигуреникот поднесува барање за рефундација. Правото на рефундација не застарува 5 години. Ова право е гарантирано согласно законот за здравствено осигурување. Од сега, на многу поедноставен начин ќе може да се оствари ова право преку новата електронска услуга, а дополнителната документација која што осигуреникот досега требаше да ја носи лично и да ја приложува во хартија во подрачните служби, сега ќе може со едноставно скенирање и прикачување во електронскиот систем да ја прикачи на места каде што има интернет и читач.

– Со ова очекуваме значително да се забрза решавањето на предметот а придобивка е што осигуреникот ќе може да го следи статусот на неговото барање. Со ова се заменува и скратува хартиеното работење и потребата да се доаѓа на шалтер – велат од ФЗОМ.

Втората нова електронска услуга всушност претставуваат две услуги кои ги нуди фондот споени во една, т.е право на надоместок на средства за набавени лекови на рецепт, независно дали лекот е на болничка или примарна позитивна листа. Ова право е законски гарантирано за осигуреникот и исто така произлегува од законот за здравствено осигурување. Доколку на осигуреникот за време болничкото лекување му е побарано да купи лек кој се наоѓа на позитивната листа, по завршување на лекувањето има право да поднесе барање за рефундација на средства од страна на ФЗОМ. Воедно во овој сегмент се вклучени и лекови од болничка листа кои се примаат по препорака на специјалист (некогаш и во домашни услови), а здравствената установа нема обврска да ги набавува (како на пример клексан). Осигуреникот барањето за рефундација ќе може да го поднесува електронски и на тој начин, а дополнителната документација која што осигуреникот досега требаше да ја носи лично и да ја приложува во хартија во подрачните служби, сега ќе може со едноставно скенирање и прикачување во електронскиот систем да ја прикачи на места каде што има интернет и читач.

– Напоменуваме дека рефундација се остварува само доколку лековите се купени од аптека со која фондот има склучено договор – соопштуваат од ФЗОМ.

Третата електронска услуга е право на надоместок на средства за набавен стандарден медицински потрошен материјал и вградени материјали во болничка здравствена заштита. Доколку осигуреникот за време на болничкото лекување му е кажано да набави медицински потрошен материјал или пак вградил медицински материјал, истиот има право да го рефундира од страна на ФЗО. Отсега барањата за рефундација за медицинските материјали осигурениците ќе можат да ги поднесуваат електронски без притоа да доаѓаат во подрачните служби. Покрај барањето и трансакциската сметка, осигуреникот ќе може да ги прикачи и отпусното писмо/ специјалистичкиот извештај и доказот за плаќање на вградениот стандарден материјал.

За сите електронски услуги, осигуреникот преку порталот може да поднесе барање за надоместок на средства за себе или за член на семејство осигурен преку него.

Минатата година (2015) отворени се 13.885 предмети за рефундација на средства за лекови во вкупен износ од 12.759.319,00 денари како и 1.046 предмети за рефундација на вграден потрошен материјал и здравствени услуги во вкупен износ од 1.121.536,00 денари.  До сега барањата за остварување на право за рефундација по овие основи се доставуваа на шалтер во подрачните служби од страна на осигурениците.

Со новите електронски услуги се поедноставува постапката за поднесување барање за ослободување и рефундација на повеќе наплатена партиципација, потоа се добива информација за статусот на барањето за рефундација во било кое време и информација за рефундација на средства.

Вака се добива едноставен начин на доставување документи преку сопствениот компјутер, се намалува метежот на шалтерите на ФЗОМ, осигурениците се инфромирани, се добива точна и достапна информација за рефундација на средства, се намалува хартиената документација, а се стимулира елктронското работење/

– Доколку на некој осигуреник му е побарано да купи лекови или потрошен материјал од здравствена установа која требала да ги има обезбедено на товар на државата, тогаш осигуреникот може да дојде во Фондот и да му ги рефундираме средствата. Фондот останува да биде посветен на обезбедување на што поквалитетни здравствени услуги за осигурениците – велат од Фондот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top