МЗТ Скопје остана единствената непоразена екипа во кошаркарската Суперлига, а во петтото коло го декласира ланскиот противник во финалето Фени со 99-78. Аеродромци се супериорни во шампионатот и ако продолжат во ист стил, лесно ќе ја одбранат титулата.
Особено по вториот пораз на Работнички, овојпат против Куманово на гости со 86-88. За домаќините тоа е прва победа во доигрувањето, а за малку ќе загубеа иако водеа и со 17 поени разлика, 53-36.
Кумановци одиграа фантастично прво полувреме во кое шутираа од поле со неверојатни 70 проценти. Сепак, Работнички заигра далеку подобро во одбраната на второто полувреме, со што најтрофејниот македонски клуб за само пет-шест минути успеа да се врати во мечот.
Во самиот финиш имаше вистинска драма. Александар Димитровски при резултат 87-85 за Куманово имаше две слободни фрлања, за израмнување, но погоди само еднаш. На спротивната страна и Инграм беше само еднаш прецизен од истата позиција. Гостите го имаа последниот напад, но Зивчевиќ утна тројка од тешка позиција, за славје и прва победа на Куманово.
Инграм со 22 поени беше најзаслужен за победата, а Костоски реализираше 17 поени. Димитровски со 23 поени беше најпрецизен кај Работнички, а Јелесијевиќ забележа 15 поени.
Кожуф во третиот денешен меч ја победи Лирија со 87-83 на гостински терен и со три победи се израмни со Работнички на втората позиција. Лирија остана во долниот дел од табелата со само еден триумф и 4 порази.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


