| четврток, 6 декември 2018 |

Македонско-косовската граница ќе се минува со биометриски лични карти

Соработката со соседните земји, мирот и стабилноста во регионот и интеграцијата во ЕУ и НАТО, се заеднички приоритети на Македонија и на Косово, истакнаа по денешната средба во Приштина македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски и косовскиот заменик-премиер и шеф на дипломатијата Хашим Тачи.

LicnaKarta

– Косово и Македонија споделуваат заеднички вредности и интереси и ќе бидат партнери во напорите за интеграција во ЕУ и НАТО. Работиме и на заеднички инфраструктурни проекти, како и во областа на енергетиката, изјави Тачи.

Нагласи дека Македонија е важен партнер за Косово, како на економски така и на политички план, додавајќи оти изградбата на автопатот Приштина – Скопје ќе придонесе за уште посилно поврзување меѓу двете земји.

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски ги оцени билатералните односи како срдечни и добри. Очекува договорите што ги имаат склучено Скопје и Приштина да бидат преточени во конкретни проекти во областа на економијата, образованието, науката, безбедноста, инфраструктурата, културата…Попоски посочи дека во интерес на Македонија е да го има Косово како стабилен и просперитетен сосед. Попоски и Тачи денеска во Приштина потпишаа договор за прекугранично движење на граѓаните на двете земји со биометриски лични карти, како и за отворање на граничниот премин Белановце – Станчиќ.

Двајцата министри оценија дека овие договори ќе бидат од корист на граѓаните и на бизнисите од двете земји, а ќе овозможат и зголемена размена на искуства меѓу младите, како и интензивирање на економската соработка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top