Податоците од Студијата за исхрана на Р. Македонија покажуваат дека дебелината и прекумерната тежина кај Македонците е на високо, алармантно ниво. Официјалните податоци покажуваат дека 17 проценти од Европејците се дебели, додека Македонија е над тој просек. Министерството за здравство сериозно размислува на отворање јавна дебата за оваа проблематика, сѐ со цел да се изнајде решение и мерки за продуктивно решавање на проблемот со дебелината.
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска истакна дека како држава треба да го следиме примерот на европските земји и да се отвори дебата за тоа како да излеземе на крај со дебелината и со неправилниот начин на живот.
-Треба да се направи многу широка општествена дебата која предвидуваме да ја направиме во наредниот период, но тоа да биде дебата со сите чинители во општеството и со индустријата и со експертите. Мораме да се осврнуваме и на оваа проблематика особено затоа што по добивање на податоците од Студијата за исхрана на Р. Македонија. Ние на Комитетот за здравје и животна средина донесовме одлука за прв пат во Р. Македонија да се направи ваква студија и оваа студија е направена. Студијата покажа дека во Македонија граѓаните консумираат храна со повеќе масти од храната од европскиот просек, истото се однесува и за сол и шеќер – рече Тодоров.
Министерот посочи дека податоците од Студијата за исхрана на Р. Македонија покажуваат дека преку 80 отсто од граѓаните во Македонија имаат физичка активност далеку помала од пропишаната или препорачаната физичка активност,а има и определни аспекти на пушењето.
-Кога ќе ги земеме предвид сите овие параметри, имаме обврска оваа прашање го дигнеме високо во јавноста, односно широко да се дебатира околу овие прашања и врз основа на дебатата да се преземат и определени мерки – рече Тодоров.
Проблемот со дебелината и нездравиот начин на живеење во Европа, земјите-членки го решаваат на два начина, со дополнителна едукација на населението или со промена на цената на храната со таканаречениот „данок на маснотии“ кој е особено актуелен во последните години.
На пример, Данска е првата земја во светот која го вовела данокот за заситени масти, во износ од 2,15 евра килограм за одредени видови храна, во Унгарија има „ данок на чипс“ за производи кои користат висок степен на сол, шеќери или на кофеин, додека во Финска има акциза за слатки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.