Верувам дека причината за судирот меѓу различни цивилизации не треба да ја бараме во самите религии и цивилизации, туку во отсуството на дијалог меѓу нив порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов на денешната панел дискусија „Дијалог помеѓу цивилизациите: Патот пред нас” во организација на Фондацијата „Алијанса на цивилизациите„ што се одржа во Скопје.
Тој додаде дека монолози маскирани како дијалози, дијалог поради дијалог и дијалог за надминување на различноста се трите предизвици за дијалогот меѓу цивилизациите.
– Денес во светот има десетици замрзнати конфликти кои траат со децении. И покрај безбројните конференции, семинари и работилници, и покрај бескрајните разговори меѓу спротивставените страни, сегашните генерации сè уште не можат да постигнат решение за конфликтите што ги започнале нивните татковци и дедовци. Зошто? Бидејќи влегле во дијалошкото вртење во круг кое станало контрапродуктивно, истакна Иванов додавајќи дека дијалогот е средство за доаѓање до вистината која нè ослободува од предрасудите и со тоа дијалогот ни овозможува да дојдеме до мир, кој треба постојано да го одржуваме.
Покрај македонскиот претседател на панел дискусијата учествуваа и Исмаил Серагелдин, директор на Александриската Библиотека и копретседател на Меѓународниот центар „Низами Ганџави„ од Баку, Дарко Костадиновски, пратеник на Република Македонија во Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации и Зоран Илиевски, вонреден професор и раководител на Инситутот за политички науки при Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје.
Дарко Костадиновски говорејќи за значењето на Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации истакна дека алтернативата за дијалогот, како и алтернативата за почит на различноста се продлабочување на глобалниот хаос, насилството, несигурноста, непредвидливоста, стравот. Според Костадиновски, дијалогот претставува нова парадигма на сигурност, а посветеноста на дијалогот меѓу цивилизациите е, исто така и посветеност во борбата против тероризмот”.
– Потребно е да иницираме итен дијалог помеѓу цивилизациите, треба да научиме да се почитуваме меѓу себе со надеж дека на тој начин ќе може да научиме многу едни од други, рече во своето обраќање директорот на Александриската библиотека, Исмаил Серагелдин.
На панел дискусијата присуствуваа претставници на дипломатскиот кор во земјава, верски лидери, претставници на меѓународни организации, образовни установи и државни институции, како и претставници на невладиниот сектор.
Фондацијата „Алијанса на Цивилизациите„ е основана со цел да стане регионално и глпбално место за средби на државни лидери, верски лидери, политичари, граѓанското општество, академските институции и медиумите. Мисијата на Фондацијата е борбата против штетните поделби, поларизацијата и екстремизмот во и меѓу општествата. Целите на Фондацијата вклучуваат интегрирање на различни групи на актери во дијалог кој се темели на заемна почит и заедничко дејствување за мир и прогрес, развивање на алатки и платформи за одржливо управување со конфликти и помирување, како и придонесување во глобалната мисија за премостување на разликите и промовирање на хармонија меѓу народите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст