| четврток, 6 декември 2018 |

Пуштени во продажба билетите за „Маjски оперски вечери“

Македонската опера и балет на љубителите на операта им нуди можност да купат блок-билети за претставите на претстојните „Мајски оперски вечери“ за цена пониска од регуларната. Блок-билетите важат во претпродажба, заклучно со 8 мај, и се однесуваат на шест претстави. Програмата на малата сцена не е вклучена во блокот. Цената на единечен билет во зависност од местото на седење е 400, 600 и 800 денари, а блок-билетите се со цена од 1.440, 2.160 и 2.880 денари. Билетите може да се набават на билетарницата на МОБ и електронски.

– Традицијата на МОБ и натаму продолжува со доближување на оперската и балетската уметност до публиката. Како и секоја година, така и овој пат сме во очекување на успешен фестивал со огромна посетеност од страна на нашите верни пријатели и љубители на операта и балетот. Затоа ве повикуваме и оваа година заедно да нурнеме во длабочините на најуниверзалната уметност – музиката и да го прославиме моментот што треба да се доживее. Купи блок билети и заштеди – порачуваат од МОБ.

Фестивалот ќе биде отворен на 9 мај. Тргнувајќи од респектабилната бројка на одржани фестивали и интересот на публиката за овој значаен културен настан, уметничкото водство на куќата се определи за седум настани, пет оперски, едно балетско дело и настан што ги соединува актерската игра и музиката.

„Мајските оперски вечери“ традиционално ќе бидат отворени со премиерата на претставата „Хофманови приказни“ од Жак Офенбах, во која учествуваат солистите, оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл на Македонската опера и балет под диригентско водство на маестро Алесандро Дагостини од Италија. Режисер ќе биде Урсула Хорнер од Австрија, која, исто така, се докажала на нашата сцена реализирајќи неколку наслови. Сценографијата е на Марија Ветероска, додека костимите на Марија Пупучевска.
– Очекуваме одличен прием кај публиката, со оглед на популарноста на делото и неговите постановки на многу светски сцени – велат организаторите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top