Европската унија во сите земји-членки забрани класични светилки од 25 до 100 вати, но берлински истражувачи тврдат дека штедливите светилки што се фаворизираат се исклучително штетни. Штедат енергија, но не и здравјето и животот. Нивните предупредувања се дека треба да се користат многу ретко и на што поголемо растојание. Вклучените светлосни тела емитуваат фенол, нафтален и стилен. Тие се канцерогени кои при долготрајна изложеност може да биде фатални.
Фенолот влегува во организмот преку дишните патишта, а ја нарушува и функцијата на срцето, тврдат експертите. Израелскиот Универзитет Хаифа веќе одамна објави истражување според кое штедливите светилки можат да го зголемат процентот на заболени жени од рак на дојка, бидејќи, за разлика од класичното жолто осветлување, емитуваат светлина слична на дневната којашто ги збунива хормоните,односно го нарушува производството на мелатонин во организмот.
Штедливите светилки предизвикувале и мигрена, а дерматолозите се плашат од пораст на кожни проблеми. Тие произведуваат и „електричен смог“ и затоа мора да се користат само во добро проветрени простории и далеку од нашите глави, предупредува експертот Андрес Кирхнер. Тие содржат и жива, што е многу опасна за секое живо суштество. Еден од практичните совети е ако пукне светилката, мора веднаш да се проветри, да се собере со влажна крпа и да се стави во најлонска кеса, да се затвори со селотејп и да не се фрла во другиот отпад.
Експертите се прашуваат зошто се форсираат како екосветилки, а на амбалажата стои дека по искористувањето е неопходно да се фрлат како токсичен отпад. Апсурдно е на екопроизвод да пишува дека и штети на околината, а истовремено со закон да се форсира нивната употреба.
Во Македонија се уште јавно не се зборува за штетноста на штедливите светилки и нема забрана за користење на класичните светилки, но се поголем број граѓани што мислат дека ова е еден од начините за заштеда ги купуваат, иако се десетина пати поскапи од обичните. Нема ниту посебно место за фрлање како токсичен отпад.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.