Пошироки ленти за паркирање, полесен пристап, назнака „паркинг за дами“ – првиот паркинг-простор специјално наменет за жени се наоѓа во катната гаража кај Универзитетската библиотека. Иако е отворена веќе неколку години, а паркинг-местата за жени се обележани од самиот почеток на работењето на гаражата, дури сега на социјалните мрежи реагираа голем број од припадничките на понежниот пол, кои се навредија што воопшто мора да има посебен третман за нив како возачи.
Причината за овој посебен простор е многу далеку од стереотипот дека жените се лоши возачи, истражува „Република“.
Напротив, приватната компанија што ја управува гаражата има направено истражување на пазарот во тој дел од градот. Поголемиот дел од вработените во судовите, кои се наоѓаат во непосредна близина, театарот и универзитетската библиотека, се жени. Истите се и најголемата целна група на гаражата.
– Но, во Македонија, како и секаде во светот жените се плашат да паркираат во затворен простор. Стравот доаѓа од фактот што местата не се фрекфентни, обично се неосветлени и се природна средина за напаѓачи (вклучително и сексуални). Затоа се наоѓаат начини како да се направат овие јавни ресурси (паркинг-местата) безбедни, но и да се привлечат жени како клиенти. Местата обележани за жени се блиску до излезите / влезовите, до безбедносните камери и веднаш до местата на осветлување. На тој начин се одговара на потребата на жената, која е посебна од потребата на мажот – објаснува за „Република“ д-р Марија Ристеска, ЦРПМ.
Според Риестека и на двата пола им треба паркинг-место, но на жената ѝ треба безбедно паркинг-место од причина што жените се најчесто предмет на напади (ограбувања, па и сексуални напади), а со посебниот пристап кон жените и се распределуваат јавните ресурси подеднакво. Имено катните паркинг-гаражи се користат од двата пола, а се ослободуваат жените од стравот, кој некогаш е оправдан.
– И мажите како татковци, сопрузи, браќа сигурно би биле порелаксирани доколку знаат дека за нивните жени, ќерки, сестри има резервирано безбедно место. Конечно, трендот на одговарање на специфичните потреби на жените не се јавува само кај нас, туку е сеприсутен во Европа (на пример во Виена секоја катна гаража има резервирани места за жени). И тоа не е дискриминација на жените односно на мажите бидејќи заради општествените прилики жените во нормални услови не ги користат овие ресурси, а тоа значи дека градот не им овозможува еднакви можности на нив и на мажите – вели Ристеска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.