| четврток, 6 декември 2018 |

Димитриев се сретна со медиумските и новинарските здруженија

средба

Претседателот на Владата за спроведување на изборите Емил Димитриев денеска ги слушна сугестиите на медиумските и новинарските здруженија за регулирање на медиумската сфера.

Ставот на Владата, кој Димитриев го изнесе попладнево по средбите со трите новинарски и медиумски здруженија и асоцијации, е дека постојниот закон за медиуми кој што е работен со помош на Европската унија е добар, а доколку се одлучи да има нов закон, тогаш да се прифати кој било закон од земјите членки на Европската унија.

средба2

– Како Влада стоиме на ставот дека постојниот закон за медиуми кој е работен со помош на Европската унија е добар, а ако се одлучи дека треба да има нов закон, тогаш предлагаме усвојување на кој било закон од земјите кои се членки на ЕУ. Тоа е решение кое ги задоволува потребите на Република Македонија, изјави Димитрев.

средба3

Тој додаде дека како Влада ги поддржуваат и иницијативите за изборен кодекс кој кон ќе се придржуваат сите страни за време на изборите.

– Разговаравме и за нивните иницијативи за донесување на разни кодекси за новинарски и медиумски ангажман во текот на изборите. Како Влада ги поддржуваме овие иницијативи и сметаме дека е добро да има кодекс којшто ќе ги дефинира начинот на работа на медиумите, рече Димитриев, додавајќи дека сите три средби поминале во исклучително конструктивна и позитивна атмосфера.

средба4

Претставниците на Македонската асоцијација на новинари и на Македонската медиумска асоцијација сметаат дека Македонија има солиден закон за медиуми, додека за Здружението на новинари на Македонија секој обид да се направи копија на закон од земјите од Европската унија нема да придонесе за подобрување на состојбата во медиумите.

средба5

– Имаме солиден Закон за медиуми и Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Доколку се одлучи да се оди на решение за промена на законот за медиуми, треба да биде некое европско решение, а не да се нудат хибридни решенија, изјави Слаѓана Димишкова од МАН.

Постојниот закон е добар и за Македонската медиумска асоцијација, но според нив она што треба да се направи е да се инкорпорираат нивните предлози кои, пред се, се однесуваат на намалување на казните и на регулирањето на авторските права кај кабелските оператори.

средба6

– Од името на петте национални телевизии сметаме дека овој закон е сосема доволен со инкорпорирање на нашите барања кои пред се се однесуваат на намалувањето на драконски високите казни и регулирањето на авторските права кај кабелските оператори, изјави Иван Мирчевски.

Според ЗНМ, секој обид да се направи копија на закон од земјите од Европската унија нема да придонесе за подобрување на состојбата во медиумите. – Ние може да ги прифатиме најдобрите европски практики, но прилагодени на македонските услови, рече Селмани, додавајќи дека во интерес на сите е да се најде решение што ќе биде прифатливо за политичите партии, медиумите и за новинарите.

Што се однесува до предлогот на белгискиот посредник Питер Ванхауте, МАН е на став дека неговиот предлог е неприфатлив за нив.

– Нашиот став е јасен, предлозите на Ванхауте и на СДСМ се идентични за нас. Тоа што имаат мали финеси во формулациите не значи ништо и нашиот став е јасен дека предлогот на Ванхауте не го поддржуваме затоа што со неговиот предлог се одобрува политиката на СДСМ односно се бара измена на закони со цел интереси само на една политичка партија што сметаме дека е недозволиво, рече Димишкова.

Претставниците на ЗНМ, ,пак од премиерот за спроведување на изборите побарале да се прифати предлогот на Ванхауте за ново рекомпонирање на Советот на Македонската радио телевизија и за начините за финансирање.

– За нас предлозите на Ванхауте се јасни. Мислам дека  неговите предлози може да се преточат во пет – шест амандани кои треба да се вградат во постојниот закон за аудиовизуелни и медиумски услуги. Прашањето е дали политичките партии имаат политичка волја да го прифатат тој пристап, изјави претседателот на ЗНМ.

За новинарските здруженија е прифатлив и предлогот за изборен кодекс кон кој ќе се придржуваат за време на изборниот процес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top