Петтемина Чеси што во јули минатата година исчезнаа во либанската долина Бека, по 199 дена беа пронајдени во понеделникот вечерта, соопшти чешкото Министерство за надворешни работи, пренесува МИА.
– Министерството ја поздравува веста дека нашите граѓани се живи и, според информациите, во добра здравствена состојба, и сега се во рацете на либанските безбедносни служби, се вели во соопштението. Според најновите информации, шефот на чешката дипломатија Лубомир Заоралек презел чекори со помош на претставништвото во Бејрут за што побрзо враќање на Чесите во земјата.
Петмината исчезнати биле оставени на осамено место во планина, од каде што со помош на мобилен телефон на случаен минувач, возач на камион, стапиле во контакт со своите роднини.
Медиумите за исчезнувањето на Чесите шпекулираа дека би можело да биде поврзано со Либанецот Али Фајад, кој е во притвор во Чешка и се соочува со обвинение за соработка со терористи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.