Претседателот на СДСМ, Зоран Заев попладнево со државниот министер во Министерството за надворешни работи на Германија Михаел Рот, разговараше за актуелната политичка ситуација во Македонија.
Во соопштението на СДСМ се наведува дека заеднички бил ставот дека за излез од политичката криза и за иднината на Македонија се неопходни фер и регуларни избори, за што круцијална улога има исполнувањето на двата услова од пржинскиот Договор, прочистен Изборачки список и регулација на медиумите.
– Државната изборна комисија како независна институција чијашто обврска е Избирачкиот список треба да ги соопшти роковите за прочистување на списокот во којшто мора да имаат доверба сите политички субјекти во државата и граѓаните. Од голема важност за предизборниот и изборниот процес е да се обезбеди и објективно известување, бидејќи најголем дел од медиумите се под контрола на власта, поради што опозицијата нема фер шанса за медиумско претставување. СДСМ нема да отстапи од ставот за фер и регуларни избори со примена на европските вредности, а реализацијата на овие две обврски е меѓу нив, рекол Заев.
Заев и заменик-претседателката на партијата Радмила Шеќеринска на средната нагласиле дека овој став на СДСМ го споделуваат и други политички субјекти во Македонија и целата демократска јавност кои се согласни дека фер избори на 24 април не се можни.
– Македонија на следните избори мора да добие Влада со полн легитимитет, а тоа е можно само на фер избори. Само така ќе се овозможи нормализација на институциите и стабилност на Република Македонија, потенцирал Заев на средбата, се наведува во партиското соопштение.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.