Хрватската репрезентација ја освои бронзата на Европското првенство во Полска откако во малото финале славеше победа над Норвешка со 31-24 одмаздувајќи им се на дмаздувајќи им се на скандинавците за поразот во првата фаза од овој шампионат. Во мечот во кој правдата ја делеа македонските арбитри Начевски и Николов, Хрватите славеа пред се благодарение на голманот Стевановиќ, кој со клучни интервенции во последните петнаесетина минути ги откажа Норвежаните и ја осигура бронзата за својата селекција.
Мечот почна со израмнета игра, за Хрватска да успее да се одлепи по израмнетите 6-6, па со пет гола во низа да стигне до убедливо водство од 11-6. На одмор се замина со убедлива предност на Хрватите од 15-11, но Норвешка успеа да се врати и по десет минути игра во второ полувреме израмни на 17-17. Сепак, „коцкестите“ во клучните моменти на својот гол го имаа Стевановиќ, кој со неколку извонредни интервенции осигура Хрватска повторно да стигне до „плус пет“ (26-21), за на крајот заслужено да слави со уште поубедливи 31-24.
Златко Хорват со осум гола беше најефикасен кај Хрватска, пред Дувњак со шест и Штрлек и Мариќ со по четири погодоци. Најдобар поединец на мечот сепак беше голманот Стевановиќ со 14 интервенции, две од нив при пенали во клучните моменти од натпреварот.
Бронзениот медал значи и дека Хрватска ќе обезбеди директно учество на следниот ракометен мундијал во Франција, додека Норвежаните ќе мора да играат бараж против селекцијата на Словенија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




