На распуст беа и повеќето наши познати личности, кои во јануари најчесто како да хибернираат од музичката сцена. Ако во декември имаат полн распоред на настапи и работни обврски, сега полнат батерии секој на свој планински врв.
Димитар Атанасовски и Сара Мејс
Водителот, инаку страстен љубител на зимските спортови, го користи снегот од првото паѓање па сѐ додека да се стопи. Откако одморија во Крушево, двојката помина неколку дена и во скијачкиот центар Боровец.
Аделина Тахири
Младата скопска пејачка со албанско потекло е честа тема на чаршиските муабети, според кои таа е Елена Тројанска на многу меѓумашки „војувања“. Заедно со водителката Елена Стефановска, Аделина Тахири помина краток зимски одмор во Австрија, далеку од сите скандали.
Викторија Лоба
Подготвена за освојување на врвови, пејачката деновиве е на Копаоник, каде што ги вежба скијачките вештини.
Мелита Ракичевиќ
Водителката и годинава го посети Банско, каде што покрај во снегот, уживаше и во благодатите на безбројните бањи. Друштво ѝ правеше нејзината ќерка Барбара.
Марјана Станојковска
Работните обврски ја „врзаа“ згодната лото-девојка за Скопје. Сепак, Марјана Станојковска успеа и тука да најде место за зимско уживање. На лизгалиштето во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, Марјана уживаше и со целата екипа од емисијата „Во недела попладне“, меѓу кои беа и колегите Златко Андоновски и Ненад Ѓеоргиевски.
Емилија Розман
Мисицата ужива во својата Македонија. Викендите ги користи за релаксирање на Попова Шапка.
Ноне Неделковска
Ноне ги искористи празниците да се врати во родниот Велес. Пејачката, која со години работи на брод и крстосува по светот, за зимскиот распуст уживаше на езерото Младост.
Лила Стојановска
Водителката ужива да патува, но овој распуст остана во Скопје и ѝ пркоси на ниската температура.
Александар Тарабунов
И Тара се одлучи за Македонија. Пејачот замина за Охрид, каде што како добар домаќин, друштво му правеше колегата Ѓоко Танески.
Дани Димитровска
Во бугарските ски-центри ужива и пејачката Дани Димитровска.
Каролина Гочева
На неа, веројатно, сите ѝ завидуваат. Македонското девојче прво уживаше во сонцето во Мајами, за подоцна да се префрли и на западниот брег на САД. Друштво ѝ прави и водителката Бона Пауновска, која од неодамна живее таму заедно со својот сопруг.
Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 177. број на неделникот „Република“, 22.01.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.