| четврток, 6 декември 2018 |

Собранието не ги усвои измените и дополнувањата на Законот за јавен долг

Собранието на Република Македонија попладнево на продолжението на 85. седница не го усвои Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за јавен долг, предложен од опозицијата.

Марјанчо Николов од СДСМ образложувајќи го Предлог законот рече дека со него се бара измена на член на Законот, каде што во претходното законско решение е регулирано Владата Годишниот извештај за јавниот долг да го доставува во Собранието на РМ.

Како што образложи предлагачот, наместо Годишниот извештај да се доставува само за информирање, се бара истиот да се разгледува и усвојува во Парламентот.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека опозицијата и понатаму сака дискусијата да ја држи во насока дека Владата непотребно ја задолжува државата.

Пратениците од власта и порачаа на опозицијата да престанат со овие обвинувања, затоа што, како што беше посочија за задолжувањето на Македонија релеванти податоци се оние за соодносот на државниот долг со Бруто домашниот производ. Според владејачкото мнозинство  Македонија е средно задолжена држава.

Пратеници ја почнаа расправата  по Предлог законот за материјалното обезбедување на невработени лица поради приватизацијата на претпријатијата со општествена и државна сопственост.

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски ја прекина работата по 85. седница, а нејзиното продолжение го закажа за утре.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top