| четврток, 6 декември 2018 |

Одговор на стара мистерија – зошто луѓето ги погребувале со срп околу вратот?

На прашањето како да се спречат демоните да стигнат до светот на живите, жителите на територијата на денешна Полска во XVII и XVIII веројатно би одговориле – ставете му на починатиот срп околу вратот.

На тоа укажуваат костурите кои неодамна биле откриени на полски гробишта, кои потекнуваат од XVII и XVIII.

Имено, како што пренесува „Лајв Сајенс“, околу вратот на овие човечки останки најдени се српови, а археолозите веруваат дека овие луѓе биле погребани на тој начин за да ги истераат демоните.

Скелетите се ископани во Дравска, во североисточна Полска, каде археолозите од 2008 година истражиле над 250 гробови. Најдени се четири тела погребани на ваков невообичаен начин, а на петиот српот му бил префрлен преку колковите.

Порано ваквите погреби биле опишувани како „вампирски‟ бидејќи научниците сметале дека поранешните Европејци сакале да спречат починатите да се повампират, но Марек Полцин од канадскиот Универзитет „Лејкхед‟ и неговата колешка Елжибијета Гајда ја отфрлиле оваа теза по истражувањата, чии резултати се објавени во магазинот „Антикуити“.

Имено, тие веруваат дека поранешните жители на Полска сакале да ги истераат демоните со вакви погреби. Причината за ваквиот став е тоа што вампирите не се единствена зла инкарнација на злото во кое се верувало во тоа време, па не треба веднаш да се врзува необичниот погреб за вампирите.

Меѓутоа, Гајда и Полцин забележале и дека мртвите кои вака биле погребани ги добиле сите привилегии какви не биле видени во случај со останатите познати „вампирски погреби‟.

Овие покојници биле закопувани покрај останатите членови на христијанската заедница, а нивните тела не се осакатени или осквернавени на било кој начин.

Сето тоа ги навело научниците на заклучокот дека луѓето закопани со српови не биле отфрлени од своите заедници, а за тоа придонело и истражувањето на хемискиот „потпис‟ најден во забите кој покажал дека сите овие тела припаѓале на членовите на заедницата.

– Магиското и ритуалното значење на оваа постапка се несомнени, потенцираат Полцин и Гајда, но додаваат дека српот може да има повеќе од едно значење. Оваа алатка може да се користи како закана за мртвиот дека вратот ќе му биде пресечен ако стане и ги прогонува живите, но дека можел да се употреби и за да ги спречи злите сили да ги мачат душите на умрените, сметаат Полцин и Гајда.

Тие веруваат и дека употребата на алатката направена од железо, кое се обработува во оган, може да го симболизира патот од животот до смртта, истакнаа во својата работа.

Иако христијанството била доминантна религија во Полска во тоа време, старословенските обичаи и паганските верувања опстанале, а меѓу нив и верувањето за демоните.

Покрај срповите, во овие гробишта не е најдено ништо што за тогашните Европејци би можело да се каже дека во нив се крие нешто „демонско‟. Гајда и Полцин сметаат дека можеби се верувало дека овие луѓе кога биле живи имале некои магични моќи или дека имале некоја физичка карактеристика која ги издвојувала: споени веѓи, голема глава, црвенило, многу влакнесто тело…

Сепак, овие научници го продолжуваат своето истражување и се надеваат дека по биомолекуларните анализи ќе бидат поблиски до прецизен одговор на прашањето од каде српови во гробовите во Дравска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top