Македонија го доби првиот преоден премиер со мандатна задача да организира избори. Прв кај нас и прв во светот. Но, државата и претходно трпеше законски измени за да се надминат детските болести на непризнавања на изборните порази. Договорот од Пржино, како заедничко решение за надминување на последната политичката криза, донесе и министри и заменици од опозицијата, дополнителни усложнувања на администрацијата со формулацијата „дополнителен заменик-министер“ со право на вето, времено повлекување на премиерот и назначување друг. Сето тоа, на крајот, треба да доведе до избори кои, конечно, ќе покажат резултати од кои губитникот нема да може да бега. А крајот се изборите на 24 април.
Сега пред нас, граѓаните и гласачите од Македонија, е старо-новиот владин кабинет на преодниот премиер Емил Димитриев, Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Тој застана на чело на владата со мандат, според Пржино, да ги организира предвремените парламентарни избори. Во заеднички потпишаниот документ децидно стои и дека сите министри и заменици-министри ќе останат на своите позиции во новата влада.
Што презема новата влада?
Димитриев пред пратениците нагласи дека ја презема оваа влада во момент кога предизвикот може да биде „претворен во наша предност како држава и како нација“.
– Да дадеме нов ветар во грбот на македонските европски и евроатлантски интеграции, покажувајќи пред сите, дека ние Македонците, Албанците ,Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците имаме капацитет, знаење, потенцијал, вештини, сила, мудрост да ги решаваме предизвиците, дека не само што имаме државотворен капацитет, туку имаме и знаење тој капацитет постојано и постојано да го покажуваме и да го надградуваме со нови вредности. Да покажеме дека Македонија, не само географски, туку и цивилизациски и култоролошки ѝ припаѓа на Европа и дека ѝ е потребна на Европа – порача Димитриев.
Организацијата на изборниот процес, според договореното од Пржино, е и главната задача на овој владин состав. Затоа и најголемиот дел од обраќањето на Димитриев беше фокусирано на задачите што произлегоа од тој договор, односно процесот да биде ослободен од дилеми за влијание врз него.
– Државните институции ќе дадат максимална поддршка во средства, кадри, ресурси, материјали, и во сѐ што е означено и побарано како потреба на Државната изборна комисија, за да може да работи согласно со зацртаните цели. Потенцирам максимална кооператвност, соработка и подршка на ДИК. Ја охрабрувам ДИК во својата работа да дејствува непристрасно, ослободена од каков било притисок, принципиелно, државнички, согласно со Уставот и со законите, и да биде движечката сила која ќе покаже лидерство во организација на изборен процес со кој ќе се гордееме како нација – нагласи техничкиот премиер.
Димитриев, зборувајќи за изборниот процес, не ја изостави и улогата на политичките партии во креирањето на амбиентот во периодот кој следува, вклучувајќи ја тука и одговорноста од преземените обврски од опозицијата. – Граѓаните – додаде – очекуваат од политичарите да покажат чувство за нивните потреби, како и прекинување на оваа, како што се вели, непријатна ситуација.
– Политичките партии, исто така, треба да ѝ даваат максимална подршка на ДИК, но и исто така многу битно, да креираат амбиент кој ќе го поддржи организирањето на фер и на демократски избори. Државните и националните интереси мора да бидат приоритет на политичкото дејствување на секој поединец, група или партија, и парцијалните интереси треба да бидат подредени на државните и на националните… Сакам да се обратам и на опозицијата и да ја повикам на конструктивност во своето дејствување. Ве уверувам дека преодната влада ќе гарантира фер и демократски избори со секое свое дејство и активност, а вие ,како опозиција, имате клучна одговорност во придонесот во организирање на фер и демократски избори преку водењето на клучните ресори и тела кои ги организираат изборите, и вие треба да се вклучите во овој процес кој обезбедува напредок на земјата – вели тој.
Тоа што е одлика на мандатот на Димитриев е дека во тој период се очекува политичките партии да донесат решенија кои се однесуваат на изборниот процес. Токму со тие очекувања Димитриев нагласи дека ќе ги поддржи, но и дека ќе внимава таквите решенија да се постигнати врз демократски принципи и согласно со државниот интерес.
– Преодната влада ќе го поддржи секој договор по однос на секоја тема кој политичките партии ќе го постигнат по однос на кое било прашање што е во врска со организацијата на изборите, кое ќе е постигнато врз основа на демократските принципи кои се дефинирани и отелотворени и кај нас и во западните демократии и кое ќе биде во согласнот со националниот и со државен интерес, односно нема да е спротивно на овие вредности. Преодната влада ќе внимава овие решенија да не се во спротивност со Уставот и со законите – нагласи Димитриев.
Кабинетот на Димитриев има обврска за континуитетот на реализацијата на проектите кои добија поддршка на минатите избори, но во рамки на законската норма за почитување на предизборниот и на изборниот процес .
– Ние ќе останеме максимално фокусирани на овие проекти и покрај основната задача за политичко дејствување за организација на изборите, ние соодветно и со исто внимание и важност ќе останеме посветени на секој еден проект што е во тек, и што треба започне. Волјата на граѓаните ни е доделена приоритетно како поддршка на програма која е јасна, прецизна, со рокови, со носители и со буџети, програма која сме им ја ветиле и гарантирано мора да останеме на тој правец и да не отстраниме од реализацијата, да не дозволиме чувство на изигрување на граѓаните и ставање на проектите во втор план. Притоа сакам да истакнам дека ќе ги почитуваме законските норми за динамиката и за структурата и процедурите за реализација на проектите во текот на изборниот и на предизборниот период и тоа ќе е во линија со организацијата на фер и на демократски избори – рече тој.
– Преодната влада – најави Димитриев – ќе го задржи континуитетот на целата усвоена владина програма и петте стратешки цели, определби и приоритети наведени во неа.
– Продолжувањето со владината програма е нешто што се очекува од оваа влада. Пред сѐ, економските зафати за намалување на невработеноста. Тоа што не би требало да се очекува е започнување на нови проекти кои би биле протолкувани како промоција на власта во однос на изборите – објаснува политикологот Владимир Божиновски.
– Инвестициите не се пречка, тоа се тековни активности, инвеститорите не ги интересираат избори. Проектите, на пример, за вработување, не можат да бидат прекинати. Работата е да нема нови проекти кои би биле толкувани како промоција на власта во однос на избори. Ако е најавен и започнат проектот, тој мора да продолжи, на пример субвенциите за земјоделците – додава Божиновски.
Фер, демократски, кредибилни и веродостојни избори
Датумот за избори е бетониран и тоа неколкупати во протоколот кој следуваше на договорот од Пржино. Исто така, во членот седум стои дека партиите (или „страните“) доброволно пристапиле кон Договорот, како и дека „Страните исто така се обврзуваат дека ќе избегнуваат секакви пречки вклучувајќи ги и оние што се поврзани со одржувањето на изборите на 24 април 2016“.
Небулозите за терминот за избори кои сега го обременија целиот процес, и според домашните познавачи, па и според реакциите што доаѓаат од светските центри на моќ кои се вклучени во разрешувањето на кризата, не смеат да го изместат договорениот датум. Тоа што е клучно за сите е дека владиниот кабинет функционира во еден неприроден спој кој е неодржлив на подолг рок. Актуелниот состав со таков спој функционира од 11 ноември, што значи дека до изборите ќе минат повеќе од пет месеци, што воопшто не е кус период.
– Избори се потребни зашто во моментната влада две партии со спротивни интереси и поддржувачи (ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ) управуваат со министерства кои спроведуваат политики и реформи кои не можат да бидат прифатливи за сите сегменти на населението. Едноставно, постои конфузија при креирањето на политиките затоа што овие две партии не седнале да создадат консензус при владеењето и да ги усогласат своите изборни програми, туку секоја си ја промовира својата. Значи, не станува збор за голема коалиција каква што постои во Германија, туку за ад хок механизам кој не смее предолго да трае – вели професорот Жидас Даскаловски од Факултетот за Безбедност, УКЛО.
Втората карактеристика кон која треба да работи оваа влада е креирање услови за „кредибилни и за веродостојни избори“, термини што ги заменија „фер и демократски“, термините што служат за оценување на степенот на успешноста на изборите.
– Фер и демократски избори е стандарден термин кој би требало да ги покрие и термините кредибилни и веродостојни, но во атмосфера во каква живееме со сите афери од минатата година, веродостојноста и кредибилноста на изборите е нешто што СДСМ го наметнува како нова категорија која е доста широка и тешка за опишување и оценување – објаснува Даскаловски.
Учеството на изборите од некоја партија воопшто не би требало да биде пречка за оценка за фер и за демократски избори, а со самото тоа и за новите „веродостојни и кредибилни“.
– Во случај СДСМ да не учествува на изборите, можно е други партии, кои се декларираат дека ги застапуваат интересите на дел од граѓаните за кои СДСМ се застапува, да го пополнат просторот. При нивен успех СДСМ би изгубило легитимитет кај тој дел од граѓанството. Доколку СДСМ, сепак, ги бојкотира изборите, ќе се укаже шанса за помалите партии да го исполнат вакумот. Тие ќе се здобијат со историска шанса за нив за промоција на интересите на нивното членство и на нивните идеи – додава Даскаловски.
– Доколку, пак, на овие избори некоја од партиите одлучи да не учествува во нив, тогаш тоа би бил преседан со последици во иднина која било партија, условно голема или мала, која по свои проценки би била неубедена во победата, да се повлече од изборниот процес – анализира Божиновски. – Сепак – додава – учеството на избори е право, а не и обврска, како за гласачите, така и за партиите.
– Тоа што се оценува за некои избори е дали тие биле фер и демократски. Дали партиите имале фер шанса, дали имале шанса да се претстават и друго, а граѓаните по сопствена волја излегле и гласале. Ако се фер и демократски, тогаш изборите се и веродостојни и кредибилни . Не е возможно изборите да се демократски, а да не се „кредибилни и веродостојни“ – објаснува Божиновски.
Фер, демократски, кредибилни, веродостојни, терминологијата сега воопшто не е важна. Тоа што е важно е дека од овие избори Македонија мора да излезе со крената глава. Морковот што го навестуваат истите центри на моќ по овие избори, пак, не смее да остане „заврзан“ пред нас. Евроатлантските интеграции повторно се во игра, а ниедна изборна победа не може да биде поважна од иднината кон која Македонија се одлучила да оди. А тоа прашање, по сѐ изгледа, е и единственото за кое во земјата во овие 25 години постои перманентен натпартиски консензус.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 177. број на неделникот „Република“, 22.01.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.