Емигрантската и бегалска криза во Европа, како и состојбите на Блискиот Исток и во Северна Африка се прашања и предизвици за кои ќе бидеме окупирани и во следните години и децении, изјави претседателот Ѓорге Иванов, кој вчера учествуваше на седмиот состанок на високо ниво во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“ и Италијанското друштво за меѓународни организации – Иницијатива за Глобален дијалог во мултиполарен свет, што се одржа во Сенатот на Италијанската Република во Рим.
Од кабинетот на претседателот Иванов информираат дека на состанокот присуствувале голем број еминентни гости, кои дебатирале за сите причини и последици од актуелните состојба во овие региони.
– Во присуство на актуелни и поранешни претседатели, министри и луѓе кои се преокупирани со овие прашања, се разговараше за сите можни и идни предизвици, затоа што со ова ќе бидеме преокупирани и во следните години и децении. Досега имавме сосема различни сфаќања и различни видувања, и ова е на некој начин дел од тоа што го прави Алијансата на цивилизациите, а тоа е да се поттикне дијалог и да се разговара за сите можни аспекти за заканите кои постојат, и за сето она што сме преокупирани како човечка цивилизација – изјави Иванов.
Истакна дека бегалци нема само во Европа, туку големи поместувања на население и преселби на народи има речиси на сите простори.
Тоа, подвлекува претседателот Иванов, создава сосема поинакви состојби, за кои досега немало начин како да се соочат сите земји кон кои одат емигрантите и на кој начин да им излезат в пресрет на тие што добронамерно дошле поради состојбите во своите земји.
Претседателот Иванов, информира неговиот кабинет, разговарал со претседателот на Италија Серџо Матарела, со претседателот на Бугарија Росен Плевнелиев, со претседателот на Италијанскиот сенат, како и со повеќемина поранешни претседатели што биле присутни на состанокот.
– Имавме размена на мислење и сознанија за тоа како се соочуваме со овие предизвици, што сè правиме и кое искуство од нашето наследство можеме да го користиме за да си помогнеме меѓу себе. Разговаравме за идните соработки, кои можеме да ги имаме меѓу Република Македонија и Италијанската Република. Со претседателот Плевнелиев, пак разговаравме за проекти кои можеме да ги оствариме заедно како две држави – вели македонскиот претседател.
За време на работната посета на Италијанската Република и учествотото на седмиот состанок на високо ниво, на претседателот Иванов му беше врачено посебно признание од страна на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“ за неговата поддршка на иницијативите на центарот, како и за неговиот придонес во областа на меѓурелигискиот дијалог.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Претседателот Иванов на Климатскиот самит во Катовице
-
Кабинет на Иванов: Вистината боли, дотолку повеќе што раководството на СДСМ е свесно за предавството коешто го нуди на македонскиот народ
-
Кабинет на Иванов: Владата самата да се запраша зошто е исвиркана
-
Претседателот Иванов со порака до граѓаните: На Илинден сите дојдете на Мечкин Камен во Крушево