Единаесет држави од ЕУ се соочуваат со висок ризик на одржливост на нивните јавни финансии, затоа што за 10 години отсега нивниот јавен долг и понатаму ќе биде висок, соопшти Европската комисија.
Во извештајот за фискална одржливост извршното тело на ЕУ навело дека во висок ризик со јавните финансии се Белгија, Ирска, Шпанија, Франција, Хрватска, Италија, Португалија, Романија, Словенија, Финска и Велика Британија.
Проценките се темелат на макроекономските прогнози на Комисијата за сите 28 земји членки на ЕУ од ноември лани кои проектираат клучни економски показатели за две години однапред. Извештајот не содржи никакви препораки, но Комисијата е должна да објави препораки за сите поединечни земји во некој период подоцна.
Анализата за одржливост е направена под претпоставка дека не се преземаат никакви промени на фискалната политика за две години на кои се однесува прогнозата на движење на клучните економски показатели. Во анализата не се вклучени Грција и Кипар, кои сѐ уште се под програма за меѓународна финансиска помош.
Комисијата навела дека на ниту една од земјите членки на ЕУ не и се закануваат краткорочни ризици за фискална одржливост. Но, додава дека, на пример, во случајот со Италија, постојат фактори како што се бруто и нето долгот, кои претставуваат краткорочни „предизвици“. Најдобро показатели во смисла на фискалната одржливост со ниски ризици на краток, среден па и на долг рок имаат Данска, Германија, Естонија и Летонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.