| четврток, 6 декември 2018 |

ПЕТ Центар – најголемата инвестиција во здравството чини 16 милиони евра

Македонија е единствена земја од Истанбул до Виена со најсовремен здравствен објект, ПЕТ Центар, каде што ќе може да се открие ако пациентот има и само една малигна клетка. Ќе се користи за рано откривање и на други тешки болести и ќе се дава прецизна дијагноза. Во него ќе се следи и дали е ефикасна терапијата која им се дава на болните од рак.

Во ПЕТ Центарот ќе се третираат и пациенти од хематологија, кардиологија, неврологија и деца со тешки заболувања. На 11 декември во Пет Центарот за прв пат во регионот е произведен радио изотоп кој служи за откривање на карцином и други заболувања, а првите пациенти се очекуваат за околу 9 месеци.

-Секоја фаза од овој процес треба да биде валидирана, одобрена, сертифицирана и од домашни институции и од Меѓународната агенција за атомска енергија. Очекувам дека со комплетната валидација на производството и по истекот на овие девет месеци и отпочнувањето со давањето услуги за пациенти односно најсовремена дијагностика, Македонија ќе се вброи во земјите со најразвиен здравствен систем – изјави Никола Тодоров, министер за здравство.

ПЕТ Центарот е една од најголемите инвестиции во здравството. Чини 16 милиони евра.
– Како претседател на Владата задолжена за спроведување на изборите и во моето експозе при избирањето на Владата во Собранието кажав дека ќе се трудам и ќе помагам сите тековни проекти на сите ресори кои ги предводам да се одвиваат согласно зацртаната динамика. Ова е еден пример од тоа. Денеска се изврши презентација на тоа до каде е реализацијата на еден од најкрупните проекти во областа на здравството, па и во науката – изјави Емил Димитриев, премиер за спроведување на изборите.

Покрај дијагностика и третман на тешко болни пациенти, во ПЕТ Центрот ќе се реализираат и научни студии.

-Тоа значи дека тука имаме една фабрика на радиофармацевтски препарати и клиника односно се она што на пациентите ќе им биде достапно од делот на високо специфични молекули, фармацевтски препарати кои дури треба да бидат етаблирани и како клинички студии. Така за клинички студии не ќе треба да се оди во САД, Франција или Италија. Тоа е нешто што е потврдено и при континуираните посети од експерите од Меѓународната агенција за атомска енергија, но и од колегите кои од другите држави дошле за да видат на кој начин и како се развива овој центар, додаде проф.д-р Емилија Јаневиќ Ивановска, директор на ПЕТ Центарот.
Целта е ПЕТ Центарот да биде регионален, во него ќе се третираат и пациенти од соседството, а радиоактивните изотопи ќе се извезуваат во регионот.

На завршувањето на градежните работи на овој значаен здарвствен објект присуствуваше и престедателот ан ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top