„Македонија ќе има позитивен извештај од Европската комисија, а Европскиот совет на самитот во јуни, најдоцна во декември, ќе додели датум за почеток на преговорите за членство во Европската унија“.
Ова го истакнал германскиот пратеник во Европскиот парламент, Бернд Поселт, неколку минути пред неговата средба со комесарот за проширување Штефан Филе, кој попладнево ќе го објави специјалниот извештај за нашата земја.
Според Поселт, извештајот за кој ЕП ќе гласа идниот месец ќе биде, исто така, многу позитивен за Македонија.
– Ја видовте изгласаната нацрт-резолуција, изгласана од страна на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ), што нема да се менува и ние, помалку или повеќе, ќе ја усвоиме истата и на пленарна седница на Европарламентот во мај. Мислам дека тоа е добар чекор напред на патот на Македонија кон евроинтеграцијата. Ако Европскиот совет даде зелено светло, не знам само дали во јуни или во декември, мислам дека годинава ќе ги почнете пристапните преговори со ЕУ – вели Поселт во изјава за МИА.
Што се однесува до претстојниот извештај на Европската комисија, кој попладнево ќе го објави комесарот Филе, Поселт вели дека тој ќе биде многу позитивен.
– Се разбира дека ќе има неколку поенти на критика што секогаш е случај кога Комисијата лиферува извештај за некоја од земјите-кандидати или потенцијални кандидати. Критики секогаш мора да има оти ЕК проверува до детал што сѐ прави земјата во својата европска интеграција, но тенденцијата ќе биде позитивна оти и јас самиот се уверив кога пред две недели бев во Македонија дека земјата има огромен напредок, локалните избори беа многу добри, одржани во фер и демократска атмосфера и мислам дека токму реакцијата на меѓународната заедница на овие избори ќе биде многу позитивна – додава Поселт.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.