| четврток, 6 декември 2018 |

Анализа на Евроазија: Германија ќе побара затворање на границата меѓу Македонија и Грција

Аналитичката група Евроазија, во осврт посветен на бегалската криза, оценува дека една од мерките кои Германија наскоро ќе ги преземе ќе биде затворање на границата меѓу Македонија и Грција за бегалците. Според Евроазија, која е една од најголемите групи за анализирање на политички ризици во светот, Германија реагира по притисокот врз кој канцеларката Ангела Меркел се најде по масовните сексуални напади во градот Келн. Германскиот одговор, според оваа анализа, веројатно нема да вклучува воведување квоти за бројот на бегалци од германска страна, туку ќе се насочи на соработка со земјите низ кои минуваат бегалците со цел да се намали и целосно запре нивното пристигнување.

– Германија ќе изврши обид да ги затвори бегалските рути. Со прогласувањето на Мароко и Алжир како безбедни земји, Владата ќе се обиде да ги екстрадира бегалците од овие северноафрикански земји, и ќе се закани со повлекување на помошта за Северна Африка ако не вложат напори да го запрат текот на бегалците. Дополнително, веројатно е дека границата меѓу Грција и Македонија ќе биде целосно затворена, за да се спречат бегалците кои одбиваат да бидат прераспределени низ Европа и си ја бараат среќата одејќи кон Австрија и северна Европа, пишува во анализата.

Групата Евроазија оценува дека обидите на Меркел да ја натера целата Европска Унија да прифати еднаква распределба на бегалците не успеале поради противењето на земјите од Вишеградската група – Полска, Унгарија, Чешка и Словачка, да примат бегалци. Досега само 252 од предвидените 40.000 бегалци биле прераспределени според предвидениот механизам. Оттаму, според анализата на групата Евроазија, Германија ќе се обиде да соработува со Белгија, Франција и Холандија, убедувајќи ги да примат дел од бегалците кои сега бараат азил во Германија, Австрија или Шведска, и воедно да соработува со Турција, која е клучна земја за запирање на текот на бегалците. Според анализата, Меркел е притисната од внатрешниот политички бунт, неодамнешните сексуални напади на група бегалци во Келн и од подемот на анти-имигрантските партии.

– Неделава Меркел се соочи со бунт на 40 пратеници од нејзината Демо-христијанска партија околу политиката кон бегалците. Има дополнителен отпор во нејзината голема коалиција, повеќе германски политичари го сменија својот став и се залагаат да им се даде повеќе помош на Турција, Либан и Јордан, министерот за финансии Волфганг Шојбле предложи нов данок на горивото за да се финансираат засилени патроли по границите, додека министерката за одбрана Урсула вон дер Лејен предложи воена интервенција во Северна Африка за да се обезбеди Средоземното Море. Меркел мора забележително да го намали бројот на бегалците, меѓу другото и во државите Баден Вуртенберг, Рајна Палатинат и Саксонија, каде во март се одржуваат избори и каде популистичката партија Алијанса за Германија се искачува на предизборните анкети. Меркел ќе изврши притисок за распределба на бегалците преку помал број држави, исклучувајќи ги членките на ЕУ од средна и источна Европа, засилена контрола на границите на ЕУ преку ФРОНТЕКС и притисок врз Турција да се поттикне оваа земја да го спречи текот на бегалците, пишува во анализата на Евроазија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top