Новите дестинации и евтините авиобилети го вратија интересот за летање, што се гледа и од статистиката. За 22 проценти е зголемен бројот на превезените патници во 2015 година, во однос на претходната 2014 година. Лани повеќе од 1.560.000 патници ги користеле услугите на македонските аеродроми. За 11 проценти, пак, е зголемен и бројот на воздухопловни операции. Ако порано македонските аеродроми оперираа со бројка на превезени патници од околу 600 илјади, сега сликата е комплетно променета. Во 2013 година за првпат е натфрлен милионот и оттогаш има постојан пораст, па оттука се и очекувањата дека во претстојните години ќе се надмине бројката од 2 милиона, пишува Лидер.
Македонските граѓани сега полесно се поврзани со европските метрополи. Се зголемува бројот на дестинации до кои може да се стаса од земјава. На редот на летање се ставени: Барселона, Базел, Белград, Брисел, Келн, Дортмунд, Дубаи, Дизелдорф, Ајндховен, Франкфурт, Фридрихшафен, Женева, Гетеборг, Хамбург, Истанбул, Љубљана, Лондон, Малме, Милано, Минхен, Нирнберг, Осло, Париз, Рим, Стокхолм, Венеција, Виена, Загреб, Цирих, Сплит. Од мај годинава, повторно ќе биде воспоставен и директниот лет Скопје- Прага.
Со новите линии од Скопје ќе се оперира до 34 дестинации
Ако во 2005 година се летало само кон 15 дестинации, годинава ќе се оперира кон 34. Споредено со пред 10 години, бројот на патници е тројно зголемен, од 500 илјади на 1,5 милион.
-Работите одат во добар правец и не е случајно што минатата година се превезени најголем број патници од македонските аеродроми, над 1,5 милион патници, што претставува историски рекорд за Република Македонија. За тоа придонесе и бројот на летови и бројот на туристи, но и ниските цени на летовите што ги обезбедивме со нискобуџетните авиокомпании – вели претседателот на владејачката партија, Никола Груевски.
-Нашата упорност резултираше со нови 20-ина линии до европските дестинации со многу поволни цени и достапност на билетите. Од напролет, освен кон Прага, ќе бидат воведени уште три нови линии – вели министерот за транспорт и врски- Владо Мисајловски.
Од јуни, македонската метропола воздушно ќе се поврзе и со Братислава, Копенхаген и Берлин. Со новите линии, надлежните очекуваат зголемување на приливот на туристи, продлабочување на бизнис-конекциите, но и пораст на каргопревозот, пишува „Лидер“.
-Авиолинијата Скопје- Прага беше успешна и по тоа што претставуваше еден транзитен центар меѓу Скопје и многу други европски градови, вклучувајќи ја и Русија. Очекуваме да се зголеми и карго сообраќајот – вели Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.
Најфрекфентна дестинација- Истанбул
Статистиката на ТАВ Македонија покажува дека најфрекфентни дестинации се Истанбул, Цирих, Виена, Малме, Базел и Лондон. Сè повеќе се зголемува интересот и за новите дестинации од Скопје како Женева, Фридрихшафен, Осло, Барселона, Хамбург и Нирнбег, како и две од Охрид- до Лондон и до Базел.
– Меѓу првите дестинации се Истанбул, Малме, Базел, Цирих, исто така многу атрактивна дестинација е Барселона, пред сè како резултат на евтините билети. Многу користена е и интерконтиненталната линија кон Дубаи – вели првиот човек на ТАВ Македонија.
Најголем удел во превозот на патници има унгарската „Виз ер“, па „Туркиш ерлајнс“, „Аустријан ерлајнс“, „Пегасус ерлајнс“, „Ер Србија“ и „Еделвејс“.
Од унгарската „Виз ер“ велат дека 2015 година била рекордна година. Од скопскиот и од охридскиот аеродром имаат вкупно 25 маршрути кон 23 дестинации. Лани со овој авиопревозник биле превезени 794.946 патници, што претставува пораст од 37 проценти во однос на претходната година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.