| четврток, 6 декември 2018 |

Повредени седум лица во 10 сообраќајки во Скопје

soob

Седум лица се повредени во пет од вкупно 10 сообраќајни незгоди што ги регистрирала сообраќајната полиција во изминатите 24 часа во Скопје.

Во две несреќи со тешка телесна повреда се здобиле двајца пешаци. Во други три сообраќајки полесно се повредени возач на патничко моторно возило, двајца возачи на товарно моторно возило, двајца сопатници и еден велосипедист. Извршен е увид и во пет соообраќајни незгоди со последица материјална штета.

Во тек на изминатиот ден сообраќајната полиција открила и санкционирала 27 возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење со возилото, четворица не отстапиле првенство на минување на пешаци на обележан пешачки премин, четворица возачи не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци на крстосниците, како и 13 возачи кои  не користеле сигурносен појас или зборувале на мобилниот телефон. Санкционирани се и 29 пешаци кои поминале вон обележан пешачки премин.

Со помош на специјалното возило „пајак“ вчера од страна на сообраќајната полиција се отстранети 79 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

МВР информира дека денеска од 10 до 14 часот Здружението на погребални оператори Скопје ќе одржи мирен протест пред Институтот за судска медицина на бул. „Мајка Тереза“ од каде протестот продолжува пред Министерството за здравство, Собранието на Град Скопје и ќе заврши на ул. „Париска“ пред ГОБ „8 Септември“. Со почеток во 11 часот пред зградата на Владата мирен протест ќе одржи Националното здружение на автошколи, возачи и инструктори „Обука Л“.

Утре со почеток во 17 часот во СЦ „Јане Сандански“ во рамките на АБА лигата ќе се одигра меѓународен кошаркарски натпревар помеѓу МЗТ Скопје Аеродром и КК Крка, Словенија. Со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени соодветни мерки за сообраќајно обезбедување, а во зависност од состојбите и пренасочување на сообраќајот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top