Министерот за здравство, Никола Тодоров, денеска оствари работна средба со делегација од Националната управа за традиционална кинеска медицина на Народна Република Кина, придружувани од амбасадорот на Народна Република Кина во Република Македонија, Вен Џеншун. Делегацијата е предводена од заменик генералниот директор на Националната управа, Џу Хаидонг, и престојува во тридневна посета на Република Македонија на покана на Министерството за здравство.
На работната средба се разговараше за заедничката соработка во областа на традиционална кинеска медицина, особено во насока на зајакнување и етаблирање на Центарот за традиционална кинеска медицина, кој е неодамна формиран во Македонија. Станува збор за Центар формиран со одлука на Влада, врз основа на Законот за комплементарна и алтернативна медицина, со седиште во Штип, кој ќе се занимава со апликативна, истражувачка и едукативна дејност од областа на традиционалната кинеска медицина. На средбата беше потенцирано дека станува збор за прв ваков Центар во Европа кој државата го основа и финансира.
На средбата беа разгледани можностите за ангажирање поголем број експерти од Кина, како континуиран процес во следните неколку години, со цел да вршат едукација на македонскиот кадар и да работат “рамо до рамо“ со нашиот кадар во обезбедувањето услуги од областа на традиционална кинеска медицина. Во следните месеци, неколку експерти од Кина ќе престојуваат во земјава и ќе бидат ангажирани за потребите на Центарот. Целта е со успешна и квалитетна соработка Центарот за традиционална кинеска медицина во РМ да прерасне во кредибилна установа.
Инаку, како дел од подготовките за формирање на овој Центар, во рамки на билатералната соработка меѓу РМ и НР Кина, вкупно пет лица (доктори на медицина, физиотерапевти и кинезитерапевт) од РМ кои ќе работат во Центарот, беа упатени на повеќемесечна едукација во НР Кина, а оваа практика продолжува во претстојниот период. Воедно, тенденцијата е услугите кои ќе ги нуди Центарот за традиционална кинеска медицина да бидат дисперзирани и во други градови низ државата, вклучувајќи го и Скопје.
Во рамки на средбата, претставниците на Националната управа за традиционална кинеска медицина на НР Кина, предложија проширување на соработката со други универзитети во НР Кина, покрај воспоставената успешна соработка со Универзитетот Ченг Ду. Во делот на научно-истражувачка дејност, беше разгледана можноста да се воспостави соработка со Институтот за традиционална кинеска медицина во Пекинг и Кинеската Национална Академија за традиционална кинеска медицина.
На средбата се разговараше и за употребата на хербални лекови како составен дел од оваа област. Воедно, на средбата беше договорено формирање на координативно тело во кое ќе членуваат и претставници од НР Кина, а со кое ќе претседава министерот за здравство на РМ, во насока на побрза и поуспешна имплементација на концептот за традиционална кинеска медицина во РМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст