| четврток, 6 декември 2018 |

Проектот „Купи куќа за млади“ со низа можности за решавање на станбеното прашање

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска одржа работен состанок со надлежните министри и со градоначалниците со цел поефикасна операционализација на проектот „Купи куќа за млади“ чија реализација започна минатата недела.

– Треба да бидеме сите фокусирани на овој проект. Тој е непотворлива можност за граѓаните на Македонија, односно за младите до 35 години. Прашање е кога во иднина ќе имаат ваква можност. Тие тоа го знаат и ние не смееме да ги изневериме. Тие имаат реални очекувања. Знаат дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија она што го ветува, го исполнува. Луѓето очекуваат операционализација на овој проект. Мораме да бидеме брзи, ефикасни, да ги надминеме сите проблеми и предизвици и да тргнеме во брза реализација на овој проект затоа што има очекувања. Не е ова ветување на СДСМ, ова е ветување на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија. Луѓето знаат дека тоа ќе се исполни и не е сеедно кога ќе се исполни, им порача Груевски на градоначалниците.

Груевски посочи дека проектот нуди низа можности и оти тој овозможува не само младите кои немаат сопствен дом да го решат станбеното прашање, туку оти им помага и на оние кои имаат помал стан или куќа да дојдат до поголем дом.

– Може младите кои имаат помал стан, а сакаат да го продадат и да изградат поголема куќа, да земат поволен кредит каков што се нуди со голем грант елемент. Млади кои имаат стан од 45 квадрати, а сакаат куќа од 100 квадрати, може да го продадат и да земат кредит со сите добри услови што се нудат, и да направат куќа од 100 до 120 квадрати. Исто така може да имаат куќа и да земат кредит за надградба или доградба на куќата, а може да имаат и мала куќа и да ја продадат и со кредит за да изградат поголема куќа, појасни Груевски.

Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, станува збор за одличен проект којшто е добро дизајниран, овозможува флексибилност, а и креиран е врз основа на контактите со младите.

Тој најави и караван во градовите низ државата, како и отворање канцеларии со цел граѓаните полесно да добиваат информации за проектот.

– Разговаравме со директорот на Управата за имотно-правни работи во сите општини каде имаат подрачни единици да отвориме постојани канцеларии каде што граѓаните ќе добиваат информации. Добро е да има и постојана канцеларија онаму каде имаме подрачни единици за граѓаните да може секојдневно да се информираат, рече Ставрески.

Тој нагласи дека интересот кај младите е голем и оти во просек дневно околу 50 лица ја посетуваат канцеларијата во Министерството за финансии каде се информираат за проектот.

Со цел поголема информираност отворена е и Фејсбук страница за проектот, а изработен е и прирачник за аплицирање на проектот за кој следната недела ќе биде објавен тендер за негово печатење.

Како можност ќе се разгледа и предлогот на Министерството за транспорт и врски во Законот за градење да се предвиди мерка со која оние кои живеат во куќа со еден кат, а сакаат да направат надградба, да не чекаат нов ДУП за да им се дозволи зголемување на висината.

– Секој оној кој има куќа со еден кат дозволена со ДУП нема да чека нов ДУП за да му се дозволи зголемување на висината. Тоа значи дека по сила на закон секој кој има куќа со еден спрат веднаш ќе добие поголема висина и ќе може да изгради или уште еден спрат или поткровје, појасни министерот за транспорт Владо Мисајловски.

Од страна на Министерството за транспорт и врски распишан е повик до општините да поднесат барање за изработка на план за типски населби.

– Доколку има потреба ќе го продолжиме рокот за јавниот повик. Ќе се искоординираме со сите општини на наш трошок да направиме по еден план. Друг предизвик ниту во селата, онаму каде што нема урбанистичка документација, да направиме отприлика околу 100 општи акти за села, рече Мисајловски.

Како можност на граѓаните им се нудат и бесплатно изработени шест типски проекти за куќи со различна квадратура кои може да се најдат на веб страницата на Министерството за транспорт и врски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top