Собранието на Република Македонија попладнево во рамки на 87. седница го поддржа во прво читање Предлог законот за слободни здравствени зони.
Заменик-министерот за здравство Јован Андовски истакна дека ова законско решение е во насока на создавање услови за отворање здравствени зони кои ќе придонесат за подигнување на нивото на здравствената заштита во РМ, потоа зголемување на конкурентноста, зголемување на вработувањето, развој на здравствениот туризам, зголемување на квалитетот на високообразовната понуда и понуда на повисок квалитет на образование од постојниот кој ќе донесе современи и квалитетни образовани методи.
Тој додаде дека се очекува со слободните здравствени зони да се обезбедат услови за привлекување странски инвестиции во областа на здравството и привлекување најсовремена здравствена технологија, воведување нови здравствени методи и постапки,и поттикнување на здравствениот туризам.
Според него најочигледна конкурентна предност за слободните здравствени зони е поврзана со трошоците и на тој начин со нивоата на цените. – Неоданочувањето и ослободувањето од царина значи дека услугите можат да бидат пониски од понудените претходни цени. Ова секако ќе ги прави повеќе атрактивни за странските инвеститори за отворање на бизнис во здравството, рече Андовски.
Во слободните зравствени зони ќе може да се отвораат болници, медицински факултети, капацитети за бањско климатско лекување со сместување и физикална и медицинска рехабилитација.
Со овој Предлог-закон, како што рече заменик-минситерот, во фокусот се македонските пациенти кои патуваат во странство за медицински цели да се задржат во РМ, да им се овозможи да добијат иста таква здравствена услуга во РМ, како и да се привлечат пациенти од странство.
Дополнителна корист од образување на таквите зони, смета Андовски, е нивната способност да се стимулира развојот на комплементарни индустрии вклучувајќи го и патувањето, туризмот , угостителство итн.
Со Предлог законот за здравствени зони се предлага и повеќе поволности за оние кои ќе работат во нив, како што се ослободување данок на добивка за период од десет години од денот на донесување на решение за основање на здравствена установа, односно високообразовна установа, нема персонален данок на доход на примање по основ на платите на вработените лица за период од десет години, нема данок на добивка и персонален данок на доход на примања по основ на вработени лица за перод од 15 години истиот корисник на зоната врши истовремено и здравствена дејност и високобразовна дејност од областа на медицината. Нема данок и царина за добрата кои се наменети за изградба за градежниот објект.
Како втор значаен сегмент покрај можноста за основање на здравствени установи во зоните се предвидува можност за основање на високообразовни установи. Наставата на високобразовната установа треба да ја изведуваат професори од кои најмалку половина се предавачи на еден од стоте највисоки рангирани факултети на последната објавена листа на Центарот на универзитети во светска класа, потоа да овозможи настава на научнонаставниот кадар од високообразовната установа која што е основана во зоната да одржува предавање на јавните високообразовни установи коишто се во РМ.
На високатаобразовна установа во слободната здравствена зона да можат да се запишат и студенти чие образование се финансира од буџетот на РМ притоа најдобрите да се вработуваат во јавната здравствена установа на терцијално ниво.
Трет значаен сегмент, како што рече Андовски, е можноста за користење на зоната односно инвеститорите да пружат услуги на комплементарна и алтернативна медицина и на бањско климатско лекување со сместување и физикална медицинска рехабилитација. Тука, според него, е значајно тоа што корисникот на зоната има обврска да воведе посебни програми за бањско климатско лекување, а особено за деца или болни од церебрална парализа или болни од цистична фибриоза.
Здравствените услуги, кај бањско климатското лекување ќе имаат право да ги користат како македонските, така и странските државјани, а доколку корисникот на зоната склучи договор со ФЗО тогаш пациентите кои се македонски државјни ќе можат со упат да користат бањско климатско лекување продолжено болничко лекување.
Зоран Ѓоргиоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека слободните здравствени зони во Македонија се новина, во кои еднаков третман ќе имаат и странските и домашните инвеститори.
Според него ќе биде мотивациски, кој ќе ја поттикне конкуренцијата.
Андон Чибишев истакна дека станува збор за добар закон кој ќе биде од голем јавен интерес за граѓаните. Ќе може да се користат услуги кои ги нема во македонското здравство.
Драган Цуклев истакна дека со овие зони ќе се задржат дел од средствата што македонските граѓани ги трошат во соседните земји во спа центри.
– Македонија нема да добие ништо ако не инвестираат во здравствениот сектор, овие предуслови создаваат услови за вработување на позначителна бројка на луѓе, рече Цуклев.
Крсте Му7коски потеницра дека државата нема да даде кеш на тие инвеститори што ќе дојдат во зоните и оти капацитетите што ќе се изградат нема да бидат конкуренција на националното здравство бидејќи ќе пружаат услуги кои не се достапни во домашното здравство.
Опозицијата, како што рече Јагода Шахпаска не се согласува со ова предлог решение. Според неа со народни пари ќе се врши изградба на слободни здравствени зони, односно ќе се дава државна помош на корисниците на здравствените зони, кои, како што рече се незамисливи.
Таа порача наместо бенефиции да се даваат на странски инвеститори, да се инвестира во македонското здравство.
Според неа со ова законско решение нема да се подобрат услугите во здравството бидејќи нема да може да ги користат услугите македонските граѓани бидејќи, како што посочи, ќе бидат поскапи за 30 проценти од оние што се нудат во приватните здравствени установи.
За Марјанчо Николов ова е лошо законско решение, кое нема да подобри ништо во македонското здравство и нема да значи подобри услуги за македонските граѓани. – Ќе значи, рече, да се дадат парите на странски инвеститор, наместо во македонското здравство.
Тој предложи да биде подолг периодот на договорот од оној на кој се однесуваат субвенциите.
Лидија Димова потеницра дека овој закон е против ЕУ и оти доколку се реализира нема да може Македонија да преговара 10 или 15 години за членство во ЕУ.
Ален Георгијев од СДСМ побара овој закон да се повлече.
Собранието ќе продолжи со работа и по 18 часот со Предлог закон за дополнување на Законот за градење
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст