– Ситуацијата треба да се гледа од натпревар во натпревар. Може сѐ да се случи. Норвешка и Полска пренесоа по четири бода, меѓутоа на Норвежаните тие четири бода мислам дека нема да ѝ бидат гаранција дека ќе бидат сигурен полуфиналист. Хрватска имаше една грешка токму против репрезентацијата на Норвешка. На ова ЕП Хрватска е со многу поинаков состав од тој што сме навикнале да го гледаме. Норвешка е една млада селекција што игра извонредно модерен ракомет со брза транзиција. Белорусија, според мене, е изненадување во таа група. Ако се наредат коцките, ние и во Србија имавме само еден бод по првата фаза, па потоа можевме да стигнеме дури и до полуфинале, доколку не беше тој несреќен пораз од Данска. Треба да се оди натпревар по натпревар бидејќи секој меч е историја за себе. Мислам дека имаме големи шанси и ако не се случат некои непланирани резултати, може да бидеме во игра за седмо и за осмо место – коментира поранешниот македонски репрезентативец Стевче Алушовски во интервју за Република.
Тој смета дека за натпреварот со Хрватска македонските ракометари немаа многу време за одмор. Едноставно, потрошени се физички и психички.
– Психолошкиот притисок со Србија си го направи своето, па имаше и грешки од сигурни позиции. Времето е кратко. Треба да поработи таму каде што имаме простор за напредок, а тоа е во играта со играч повеќе. Според мојата анализа, во првите три меча од шампионатот имаме проблем во играта кога на теренот имаме играч повеќе. Тука мислам дека треба да сме поконцентрирани. Во нападот и во одбраната сосема коректно ги извршуваме задачите и тоа што е договорено пред натпреварот. Многу ќе зависи мечот со Хрватска. Ако го добиеме, ќе имаме четири дена простор да се „вратиме“ психички и физички и во двата последни натпревара да играме како да настапуваме на ново, друго првенство – додава Алушовски.
Целото интервју можете да го прочитате во најновиот, 177. број на неделникот „Република“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.