Дванаесет мртви и 24 повредени, е билансот по двете експлозии во Бостон, Масачусетс, каде што илјадници маратонци учествуваа во годишниот Бостонски маратон, јавува американскиот весник „Њујорк пост“.

Се стравува дека меѓу жртвите може да има и деца. Само во една болница во Бостон има десет тешко повредени пациенти кои останале без екстремитети.
Властите ја исклучуваат можноста дека се работи за несреќен случај, поради времето и местото на експлозиите, на целта на масовниот маратон со десетици илјади учесници, а кој го посетуваат до половина милион луѓе.

Американските медиуми објавуваат непроверени информации дека бомбите биле поставени во конти за ѓубре, веројатно со временски детонатор, или пак детонатори кои може да се активираат од далечина. Освен најмалку две бомби кои биле активирани, полицијата нашла повеќе сомнителни предмети кои ги проверува, а за кои се претпоставува дека се дополнителни експлозивни направи. Поради тоа, полицијата бара од граѓаните веднаш да се разотидат.
Маратонот, кој се организира во чест на Денот на патриотите, привлекува околу 25.000 учесници и 500.000 посетители и се смета за најмасовно посетен спортски настан во овој дел на САД.
По големите терористички напади врз Њујорк и Вашингтон на 11 септември 2001 година, американските власти успеаја да спречат неколку обиди за напад врз значајни објекти, како што се Тајмс Сквер и берзата во Њујорк.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


