| четврток, 6 декември 2018 |

2016 ќе биде година на авиобизнисот

Со новите линии од скопскиот аеродром ќе се оперира до вкупно 34 дестинации. Ова, пак, претставува здрава основа да се урне ланскиот рекорд од 1,5 милион превезени патници, кога во однос на претходната година имаше раст од над 21% во однос на бројот на патници и од 10% во однос на бројот на операции

2016-та ќе биде година на авиобизнисот во земјава. Од „Александар Велики“ се воведуваат уште четири нови конекции. Од март ќе се лета кон Копенхаген, Братислава и Берлин, а од мај со „Чех ерлајнс“ и до Прага. Ова ќе значи враќање на „Чех ерлајнс“ во земјава, бидејќи од Скопје до Прага се леташе од 17 мај 2005 година до 17 март 2012 година, а операциите беа прекинати поради преструктуирање на компанијата, пишува Лидер.

-Многу сум среќен што „Чех ерлајнс“, еден од најстарите авиопревозници во светот, наскоро ќе се врати кон своите дестинации на Балканот. Ние го сметаме овој регион за многу перспективен, благодарение на фактот што овие земји се на патот кон ЕУ. Постојат многу деловни операции меѓу Македонија и Република Чешка. Токму во овој регион гледаме потенцијал за редовен воздушен сообраќај. Исто така, убедени сме дека редовната директна врска ќе биде привлечна за туристите од двете земји, вели директорот за комерција и за маркетинг во „Чех ерлајнс“, Јан Тот.

Со новите линии од скопскиот аеродром ќе се оперира до вкупно 34 дестинации. Ова, пак, претставува здрава основа да се урне ланскиот рекорд од 1,5 милион превезени патници, кога во однос на претходната година имаше раст од над 21% во однос на бројот на патници и од 10% во однос на бројот на операции.

-Со стратегијата на Владата на Република Македонија и со политиките на тимот на ТАВ успеавме да привлечеме голем број летови до атрактивни дестинации, особено од нискобуџетните авиокомпании. Ние со позицијата на скопскиот аеродром имаме можност да ги опслужуваме и патниците од регионот. Се ослужуваат патници од Косово, Јужна Србија, се цели и на патниците од Грција, Бугарија и од Албанија, вели првиот човек на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски.

Кои се топ дестинациите од „Александар Велики“?

Статистиката на ТАВ Македонија покажува дека најфрекфентни дестинации се Истанбул (околу 15% пазарен удел во вкупниот сообраќај), Цирих, Виена, Малме, Базел и Лондон. Сепак, сè повеќе се зголемува интересот и за новите дестинации кои се воведоа, шест од Скопје: до Женева, Фридрихшафен, Осло, Барселона, Хамбург и Нирнбег, како и две од Охрид: до Лондон и до Базел.

-Меѓу првите дестинации се Истанбул, Малме, Базел, Цирих, исто така многу атрактивна дестинација е Барселона, пред сè како резултат на евтините билети. Многу користена е и интерконтиненталната линија кон Дубаи, вели Крстевски.

Најголем удел во превозот на патници има унгарската „Виз ер“, па следуваат „Туркиш ерлајнс“, „Аустријан ерлајнс“, „Пегасус ерлајнс“, „Ер Србија“ и „Еделвејс“.

Од унгарската „Виз ер“ велат дека 2015-та била рекордна година. Од скопскиот и од охридскиот аеродром имаат вкупно 25 рути кон 23 дестинации. Лани со овој авиопревозник биле превезени 794,946 патници, што претставува раст од 37 проценти во однос на претходната година.

До каде се лета од „Александар Велики“?

Се зголемува бројот на дестинации до кои може да се стаса од земјава. На редот на летање се ставени: Барселона, Базел, Белград, Брисел, Келн, Дортмунд, Дубаи, Дизелдорф, Ајндховен, Франкфурт, Фридрихшафен, Женева, Гетеборг, Хамбург, Истанбул, Љубљана, Лондон, Малме, Милано, Минхен, Нирнберг, Осло, Париз, Рим, Стокхолм, Венеција, Виена, Загреб, Цирих, Сплит.

Како се движат цените?

Цената зависи од времето кога е купен билетот, но со добра организација може да се реализира патување со исклучително мал трошок. Со нискотарифините авиокомпании може да се замине до некоја од светските метрополи и за 40 евра. На пример, во моментов повратен билет до Венеција, Париз, Ајндховен, Малме, Меминген, Милано, Истанбул чини 60-ина евра, до Базел, Лондон, Стокхолм, Гетеборг може да се стаса и за 70-ина евра.

Груевски: Работите одат во добар правец!

Според премиерот Груевски, работите во авиосообраќајот одат во добар правец, а тоа го покажуваат и бројките. На пример, ако во 2005-та година се летало само кон 15 дестинации, годинава ќе се оперира кон 34. Споредено со пред 10 години, бројот на патници е тројно зголемен, од 500 илјади на 1,5 милион.

-Работите одат во добар правец и не е случајно што минатата година се превезени најголем број патници од македонските аеродроми, над 1,5 милион патници, што претставува историски рекорд за Република Македонија. За тоа придонесе и бројот на летови и бројот на туристи, но и ниските цени на летовите коишто ги обезбедивме со нискобуџетните авиокомпании, вели Никола Груевски.

Клучот е во добрата инфраструктура и во евтините летови

Турскиот холдинг го презеде управувањето со аеродромите во 2010-та година. Во таа година се регистрирани 684.905 патници, во 2015-та 1,5 милион патници, што претставува раст од 119 проценти.

-Ние сме постојано во трка за привлекување нови авиокомпании и зголемување на бројот на линии, бидејќи сакаме да ја постигнеме нашата долгорочна визија, а тоа е „Александар Велики“ да стане регионален центар во авиосообраќајот на Балканот, што ќе ги поврзува не само македонските, туку и патниците од целиот регион со Европа и со светот, вели Алпер Ерсој, заменик – генерален директор за операции на „ТАВ Македонија“.

Ова, пак, е еден од предусловите за зголемување на бројот на туристи. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во периодот јануари – ноември 2015 година, бројот на туристи е зголемен за 10,3%, со тоа што кај странските туристи има раст од 13,9%.

-Аеродромската инфраструктура е дел од начинот како да се привлечат повеќе туристи. Факт е дека по изградбата на аеродромот во Скопје и реновирањето на аеродромот во Охрид, во Македонија има многу поголем број туристи. Ова е показател дека вложувањето во туристичката инфраструктура е неопходен услов за зголемување на бројот на туристи во земјава, а Владата помогна и со субвенционирањето на тур-операторите, со евтините билети, со изградба на нови туристички и културни капацитети, оценува вицепремиерот Ставрески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top