Групите поврзани со Исламската држава се шират побрзо од што се ширеа групите на Ал Каеда, предупреди поранешниот шеф на ЦИА по терористичкиот напад во Истанбул.
– Групите лојални на Исламската држава од ништо за само една година се проширија во дури 20 земји. Се шират побрзо од што се ширеше Ал Каеда – рече Мајкл Морел, поранешен шеф на ЦИА, обраќајќи се на Конгресот.
Морел ја изнесе својата загриженост еден ден откако џихадистите извршија самоубиствен бомбашки напад во близина на Сината џамија убивајќи 10 луѓе.
– Спроведоа напади во кои веќе страдаа Американци и имаат потенцијал да заземат голема територија, додава тој.
Исламската држава претставува „значајна стратешка и смртоносна закана‟ по САД и другите држави, продолжи Морел, уште еднаш повикувајќи на уништување на групите со предупредување дека ИД не оперира само на својата освоена територија во Сирија и Ирак.
Поранешниот шеф на ЦИА порача и дека „групата ќе успее во своите намери‟ ако не им се застане на патот, додавајќи дека Либија може да стане нивно следно упориште.
– Либија е место каде тоа може да се случи во брза иднина, бидејќи таму веќе контролираат одделни делови од територијата. Моментно тие работат на ширење на таа територија, а странски борци почнуваат да одат во Либија да се борат на нивна страна. Не би се изненадил едно утро да се разбудиме, а Исламската држава веќе да заземе поголем дел од либиската територија. Еден вид блиц криг каков што видовме во Ирак, порача Морел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.