| четврток, 6 декември 2018 |

Богов: Годинава умерено засилување на економскиот пораст

Дознаките што се влеваат преку официјални канали се стабилни, околу 200 милиони евра годишно, и растат со стапка од околу два отсто. Многу поголем износ носат иселениците лично при своите посети на земјата. Според процени направени врз основа на неколку анкети, околу две третини од девизите што се разменуваат во менувачниците (1,3 милијарда евра) потекнуваат од иселениците. Остатокот е од туристите и од меѓуграничниот промет од граѓаните на соседните земји, како и од домашните граѓани. Овој износ е стабилен и се очекува да забележи благ тренд на пораст во наредните години

Гувернерот на Република Македонија, Димитар Богов, најавува позитивни раздвижувања на вкупната економија во 2016 година, се разбира, доколку нема некои позначајни политички или економски потреси од локални или од глобални рамки. Банките го зголемуваат својот потенцијал за поддршка на македонската економија, а банкарските камати се на историски најниско ниво. Се очекува благ пораст и на дознаките.

 

Каква е состојбата во македонската економија во моментов, дали се исполнуваат прогнозите за пораст и какви се очекувањата за оваа година?

БОГОВ: По две години умерен пораст, во годината што измина очекувавме македонската економија да направи исчекор надминувајќи ја границата од четири отсто. За жал, бевме погодени од два силни шока – домашната политичка неизвесност и сериозната должничка криза кај нашиот јужен сосед – кои го зедоа својот данок. И во толку неповолни услови ќе биде остварен економски пораст на ниво од 2014 година. Очигледно, структурните реформи во изминатите години, особено подобрувањето на деловниот амбиент и привлекувањето извозно ориентирани странски инвестиции ги подобрија основите на македонската економија и ја зголемија нејзината отпорност на шокови. Во 2016 година очекуваме умерено засилување на економскиот пораст на 3,5 отсто.

 

Како ја оценувате состојбата со банкарскиот сектор?

БОГОВ: Банкарскиот сектор останува стабилен и ликвиден. Во 2015 година значително се зголеми и добивката што би требало да се употреби за дополнително засилување на капиталот на банките за да се пресретнат повисоките барања што ги наметнуваат новите стандарди „Базел 3“. Ова упатува на засилување на нивните биланси во 2016 година, со што банките ќе го зголемат својот потенцијал за поддршка на македонската економија. Секако, останува предизвикот за консолидација во банкарскиот сектор и за засилување на акционерската база во одделни банки.

 

Дали годинава може да се очекува намалување или зголемување на банкарските камати?

БОГОВ: Банкарските камати во Македонија, во Европа и во светот се на историски најниски нивоа. Ваквата ситуација трае веќе долг период и јасно е дека еден ден ќе мора да почне „нормализирањето“ на каматните стапки. Во САД тој процес почна пред две недели со првото покачување на каматните стапки на федералните резерви во последните девет години. Се смета дека оваа година ќе има уште најмалку две покачувања. Во Европа за првото покачување на каматните стапки ќе почекаме најмалку до 2017 година. Во еден таков амбиент насоката на промена на каматните стапки во Македонија најмногу ќе зависи од движењата во платниот биланс и од девизниот пазар. Оттука, од големо значење е да продолжи приливот на странски инвестиции и намалувањето на политичкиот ризик.

 

Каква е кредитната активност на банките, дали има зголемување на кредитирањето и каква е состојбата со наплата на нефункционалните кредити?

БОГОВ: Вкупната кредитна активност останува солидна со стапка од околу осум отсто. Тоа е благо забавување во однос на 2014 година, но и тука негативните шокови го земаа својот данок. Во годината што измина забележавме забрзување на порастот на кредитирањето на населението, особено во сегментот на потрошувачки кредити, и забавување на порастот на кредитирањето на претпријатијата. Советот на НБРМ донесе една мерка со која се мотивираат банките повеќе да ги кредитираат малите и средни претпријатија за сметка на потрошувачките кредити. Нефункционалните кредити се стабилизираа на одредено ниво и дури 60 отсто од нив се целосно покриени со резервации. Тоа создава поволна клима за безболно чистење на билансите на банките, а во таа насока оди и една од мерките усвоени од Советот на НБРМ.

 

Висината на јавниот долг често е на удар на критиките на опозицијата, каква е реалната состојба?

БОГОВ: Според сите показатели, јавниот долг е сѐ уште на умерено ниво. Споредбата со земјите од ЕУ и од соседството покажува дека нашиот јавен долг е двапати понизок од просекот во ЕУ и значително понизок од повеќето земји во југоисточна Европа. Но, токму затоа треба да извлечеме поука од грешките на другите земји и да преземеме мерки што ќе спречат да дојдеме во нивната ситуација. Предложениот уставен амандман за поставување горна граница за јавниот долг е потег во вистинска насока, исто како и предвиденото намалување на буџетскиот дефицит во фискалната стратегија.

 

Првата половина од минатата година беше одбележана со политичка криза, која се одрази негативно врз стопанството и економијата, дали сега се неутрализирани нејзините последици?

БОГОВ: Судејќи по некои високофреквентни податоци, кои даваат првична слика за движењата во економијата, има одредено зголемување на довербата во последните неколку месеци од претходната година. Но, сѐ уште не може да кажеме дека ситуацијата е целосно нормализирана. Веројатно, така ќе остане и во првата половина од оваа година. Тоа е земено предвид и во нашите проекции за 2016 година. Иако економскиот пораст благо ќе забрза, тој ќе биде за околу еден процентен поен понизок од тоа што реално можевме да го оствариме.

 

Што мислите за мешањето на политиката во работењето на банките, како што беше случајот кога СДСМ побара од банките да не учествуваат во аукцијата на МФ, и какви можат да бидат последиците од тоа ако продолжи таквата практика?

БОГОВ: Мешањето на политиката во работењето на банките никогаш не носи ништо добро. Тоа е неспоиво со пазарната економија. Банките се целосно слободни да инвестираат во согласност со банкарската регулатива и со својата деловна политика. Должничката хартија од вредност претставува обврска за издавачот и мора да се исплати кога ќе достаса. Тие се издаваат во согласност со јасна и прецизна регулатива, која ги заштитува инвеститорите во државни должнички хартии од вредност. На домашниот финансиски пазар државни должнички хартии од вредност купуваат и банки со странски сопственици, а понекогаш и странски банки и фондови. Не е добро да се нарушува нивната доверба во домашниот финансиски пазар. Секое зголемување на неизвесноста ја зголемува премијата за политички ризик што ја бараат инвеститорите.

dimitar-bogov-int175-2

Каква е состојбата со дознаките, дали нашите иселеници праќаат пари?

БОГОВ: Дознаките што се влеваат преку официјални канали како банкарски трансфери и брз трансфер на пари се стабилни околу 200 милиони евра годишно и растат со стапка од околу два отсто. Многу поголем износ носат иселениците лично, при нивните посети на земјата. Според процени направени врз основа на неколку анкети, околу две третини од девизите што се разменуваат во менувачниците (1,3 милијарда евра) потекнуваат од иселениците. Остатокот е од туристите и од меѓуграничниот промет од граѓаните на соседните земји, како и од домашните граѓани. Овој износ е стабилен и се очекува да забележи благ тренд на пораст во наредните години.

 

Дали се штеди помалку или повеќе и дали граѓаните сѐ уште повеќе му веруваат на денарот?

БОГОВ: Штедењето на граѓаните вообичаено расте од седум до 10 отсто годишно. Последните неколку години имавме стабилен тренд на поголем пораст на денарското долгорочно штедење со што учеството на денарското во вкупното штедење на населението се зголеми од 35 отсто во 2009 година на 52 отсто во 2014 година. Шоковите што ги споменав претходно влијаеја на привремено забавување на порастот во 2015 година на околу четири отсто, како и запирање на трендот на „денаризација“, односно претпочитање денари. Во последните три месеци гледаме охрабрувачки сигнали дека порастот на штедењето се враќа полека на нормалниот тренд, а, исто така, закрепнува и довербата во денарското штедење. Народната банка уште во септември донесе одредени мерки со кои се стимулираат банките да поттикнуваат денарско штедење за сметка на девизното. Нашето очекување е дека како што ќе се намалува политичката неизвесност така ќе се зголемува и претпочитањето на граѓаните за штедење во домашна валута.

 

Ќе се продава НЛБ Словенија, доминантниот сопственик на Тутунска банка, дали тоа може да предизвика некои банкарски поместувања и дали тоа ќе значи нешто за клиентите на оваа банка?

БОГОВ: Словенечката Нова љубљанска банка е во доминантна државна сопственост и треба да биде приватизирана во наредните неколку години. Приватизацијата ќе ја зацврсти словенечката банка, што е позитивно за целата групација на НЛБ. Без оглед како ќе заврши тој процес, НЛБ Тутунска банка ќе остане во сопственост на НЛБ, освен доколку не донесе одлука за продажба на нивната македонска подружница. Но, засега нема такви планови, што е и разбирливо ако се знае дека НЛБ Тутунска банка е најпрофитабилната банка во групацијата на НЛБ. НЛБ Тутунска банка е во одлична состојба, работи според домашната регулатива, а НБРМ врши редовна контрола на нејзиното работење. Оттука, нема ништо позначајно да се промени за клиентите на банката во Македонија.

 

Се укинаа привремените мерки за банките со кои се штитеа од грчката криза, дали се планира воведување нови мерки?

БОГОВ: Мерките од превентивен карактер беа воведени со ограничено траење од шест месеци, кое истече на 28 декември. Тие ја одиграа својата улога во време кога грчката економија се соочуваше со големи предизвици. Имајќи предвид дека во меѓувреме Грција беше поддржана од нејзините официјални кредитори и се обврза да спроведе структурни реформи и мерки за намалување на фискалните нерамнотежи, нема потреба од продолжување на нашите заштитни мерки или воведување нови.

 

Разговараше: Александрија Стевковска
(Интервјуто со гувернерот Димитар Богов е објавено во 175. број на неделникот Република, 8.01.2016)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top