Дали Македонија ја тресат неколку шпионско криминални афери во низа последниве неколку години или тоа е резултат на една иста група, која работела во неколку правци? Истрагите покажуваат сложена структура што стои зад „Шпион“, „Пуч“, како и зад последната „Фабрика за афери“. Фалсификувањето на пасошите од лани (за кои, пак, тогаш немаше докази) и личните карти од сега се дело на исти креатори. Веројатно оваа група и овие луѓе во низа се поврзуваат и за други дела, кои допрва ќе испливаат на површина.
Шпион
„Шпион“ за многумина изгледаше збунувачки и невозможно, дека група од дваесет лица, секој со различен профил и поле на дејствување, ќе се обедини во мрежа за прибирање податоци, кои натаму ќе бидат давани, продавани, разменувани со странски разузнавачи, но и ќе служат за уценување и за изнудување огромни суми пари од звучни имиња од македонското општество. Организатор на групата бил поранешниот разузнавач Марјан Ефремов. Со него работеле и поранешниот генерал Горан Стојков, како и уште еден разузнавач Александар Диневски. Во случајот се вмешани и ексдиректор на Управата за спречување перење пари, Ване Цветанов, потоа поранешниот шеф на кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, Марјан Маџовски. Вмешан е и Зоран Божиновски, контроверзен лик од новинарската фела, кому ќе му се суди ако биде екстрадиран во земјава од Србија.
Приватната архива подобра од Државниот архив
Истрагата за шпионската афера, практично, трае од моментот кога во акција поврзана со случајот „Ликвидација“, во кој со нарачано убиство беше убиен старец во Велешко, беше пронајдена архивата за случајот „Шпион“ … Истрагата имала доволно докази, пред сѐ, поради речиси болната пасија на првообвинетиот, кој во својот дом чувал архива каква што немаат ниту државните институции. Во документите пронајдени кај него полициските истражувачи ја откриле целата мрежа и принципите врз основа на кои функционирала. Покрај доверливите документи што биле на продажба, во архивата имало и фотографии и видеоматеријали од сите тајни агенти на странските земји што купувале информации, но имало и посебни белешки за сите контакти и средби. (Република бр. 55, септември 2013г.)
Марјан Ефремов е брат на велешкиот јавен обвинител Ивица Ефремов, кој, е обвинет во случајот „Ликвидација“. При претресот во рамки на „Ликвидација“, во куќата на нивните родители е најдено оружје, а оружје и експлозив е најдено и во домот на Марјан. Освен оружјето, полицијата ја пронашла и најобемната документација со класифицирани информации од случајот „Шпион“. Тој бил вработен во Агенцијата за разузнавање, но откако добил отказ во 2009 година формирал злосторничка група со поранешни или сегашни вработени во УБК, Јавна безбедност, Агенцијата за разузнавање, воената полиција, Државниот архив и сопственици на медиуми. Според МВР, Ефремов во 2011 се сретнал со осомничените Ване Цветанов и Зоран Божиновски каде што новинарот добил документи од Цветанов, кој ги објавувал јавно понатаму.
Интересни се согледувањата на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска во септември 2013 година за овој случај.
– Се наметнува прашањето кој има полза од ваквите испади на СДСМ? Зошто чувствуваа потреба да ја критикуваат акцијата и да излегуваат со имиња на лица уште пред полицијата воопшто да соопшти нешто? … Како може да знаат дали акцијата била аматерска и дали има докази? Како може да знаат кој е виновен и за што кога сѐ уште не беше почната формалната судска истрага? Доколку се погледа биографијата на првоосомничениот, односно организаторот на целата мрежа во случајот „Шпион“, паѓа в очи неговиот напредок во кариерата во безбедносните служби. Во 2000 година добил отказ, а во 2004 година е повторно вратен на работа. Неговиот напредок почнува токму во 2004 година за во 2007 година да дотурка и до советник во кабинетот на директорот. Агенцијата за разузнавање е во ингеренции на претседателот на државата. Знаеме кој бил претседател во 2000 година, а кој во 2004 година. Во 2009 година, првоосомничениот повторно добива отказ, откако без знаење и одобрување на неговите претпоставени патувал во една соседна земја.
(Република бр. 56, септември 2013г.)
Според информациите, Ефремов патувал во Грција, а неговото огромно искуство во разузнавањето не дозволува „ненамерна грешка“ да патува без да извести и без одобрение. Токму грчките, но и унгарските служби беа посочени како главни „купувачи“ на информациите на оваа група.
„Разликата меѓу грчката и унгарската служба е во тоа што втората нема никакви посебни емотивни интереси во Македонија. По купувањето на Телеком во 2001 година престанала и ’економската шпионажа‘ на Будимпешта, по што унгарската мрежа во Македонија почнала да работи на претежно комерцијална основа, односно да прибира информации, кои подоцна би ги продавала или разменила со други служби… Отворена уште една опција, да прибирале информации за друга поголема европска сила, која не сака отворено да работи во Македонија. Исто како што во европските земји се знае дека холандските оперативци многу често работат во блиски релации со британските служби, некои тврдат дека таков е случајот и со Македонија. Унгарците имаат многу блиски односи со Германците во тој контекст. Се разбира, овие релации никогаш нема да бидат јавно потврдени.“
(Република бр. 55, септември 2013г)
Фабрика за афери
„Фабриката за афери“ е најновиот криминално-шпионски случај. Трагајќи по изворот на фалсификувани лични карти, трагата го однесе обвинителството до домот на член на СДСМ, близок на раководството, кој, според зборовите, бил сигурен во заштитата, која, наводно, ја уживал од лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и од партискиот секретар Оливер Спасовски, кој сега е прв човек во МВР. Според информациите, кај Захир Бекири – Чауш се најдени 120.000 матични броеви на лица, машини и „репроматеријали“ за производство на фалсификувани лични карти и пасоши, но и други документи како банкарски сметки на кои треба да се вметнат суми и имиња за да се користат за, како што се претпоставува, уценување и оцрнување на лица од македонската јавност.
Истрагата на Обвинителството во компјутерите на „Фабриката“ откри и 70.000 тајно снимени телефонски разговори, веројатно дел од пакетот од случајот „Пуч“, за кои се посочува дека требало да послужат за уцени и за изнудување пари преку истата врска како и во „Шпион“. Повторно во игра е Зоран Божиновски, кој, пак, неколку пати претходно се обиде да пласира божемни „банкарски слипови“ од странски банки со големи суми пари на име на лица од власта.Интересно е тоа што Божиновски, лице по кого е распишана потерница и се чека да биде екстрадирано од Србија, во 2004 година бил член на Комисијата за јавни набавки во МВР. Одлуката за тоа ја потпишал Силјан Аврамовски, министер во владата на Хари Костов. Аврамовски е лустриран како наредбодавец, кој од политички и идеолошки причини го следел тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ во операцијата „Темел“. Божиновски тогаш обвини дека набавката на опрема за изработка на лични документи бил наместен, а премиер Владо Бучковски оцени дека фирмите што не го добиле тендерот „поткупуваат новинари“.
„И Тоше во игра“
Зоран Божиновски неодамна повторно се обидува да растури „сензационалност“ дека лица од владејачката структура го уценувале тимот на Тоше Проески „да пее за нив“ наведувајќи на поврзаност со трагичната смрт на поп-иконата. Инаку, ова не е првпат Божиновски да се обидува да го злоупотреби името на Проески. Пред неколку години, во интервју за хрватски медиум, наведе дека „ќе напише книга за убиство на Проески“, а издавач ќе му бил Роберт Алаѓозовски, инаку, човек во врвот на СДСМ.
„Пуч“
Тајното нелегално снимање на телефонските разговори е основата за случајот „Пуч“. Таа афера е основата за најголемата (и последна) во низата политички кризи што ја доведе земјава до нови предвремени избори и до сосема нов систем на управување – со технички министри, дополнителни заменици со право на вето, правила за повлекување на премиерот и други законски измени што се новина во светски рамки. Во интерес на просторот, но и со почитување на предзнаењето на овој случај на читателите, ќе се задржиме само на главните карактери и карактеристики на овој „шпионски“ трилер.
Осомничената група, повторно, е составена од поранешни или сегашни разузнавачи, а главниот збор го има ексразузнавач Зоран Верушевски. Ова име е познато по низа акции и дејствување, кои често ги надминуваат и овластувањата и законските норми. Така, Верушевски стои зад шпионскиот случајот „Големото уво“ од 2000 година, а се врзува и со аферата со тајни банкарски сметки на Бранко Црвенковски.
За поврзаноста со „Големото уво“ посведочи и Љубчо Георгиевски, кој ги посочи Верушевски со неговите двајца соработници како главни виновници за неговото уривање. Според медиумите од тоа време, токму Верушевски ги земал прислушуваните разговори на политичари, новинари и други јавни личности од началникот на управата за прислушување, кој бил негов човек. Во аферата „сметките на Црвенковски“, според написите во медиумите од тоа време, се додава дека Верушевски тоа го направил како одмазда затоа што не станал министер во 2002 година, иако му било ветено (а и за тоа имал снимки), но уште повеќе и заради незаземањето на Црвенковски за ослободување на неговиот син од низата обвиненија и пресуди за сериозни кривични дела.
Во „Пуч“ Верушевски повторно дејствува со познатите соработници. Според сведочењето- признанието на еден од нив, Зоран Костовски, Верушевски е нарачател на прислушувањата на лица од општествено-политичкиот живот во Македонија. Меѓу нив се членови на владиниот кабинет, поранешното и актуелно раководство на СДСМ, но и на сите политички партии.
Верушевски спроти 2006 година се закани дека „ќе има хаос во државата“ и завршува на насловната страница на Утрински весник. Во 2015 година тој повторно е на насловните страници. Овој пат поради пораките на „Скајп“ во кои под псевдоним „Оркестар11“ порачува: „Ова ќе зоврие… Навидум овој мир може да експлодира“. Верушевски под името Златко Велевски на шпионите им ветува заштита од „чадорот“, односно од странските агентури. Во „Пуч“ се открива и дека Заев и Верушевски комуницираат со рачно напишани писма, а и семејството Верушевски меѓу себе комуницира со кодирани пораки. Во нив се споменуваат и „пријателите од надвор“, премиер на странска држава… Случајот се префрли во Специјалното обвинителство, а Верушевски неодамна е пуштен од притвор.
Епилог
Од сите споменати шпионски афери, македонската јавност дочека епилог само за „Шпион“. И тоа не во целост, с# додека еден од споменатите не биде екстрадиран од Србија од каде што продолжува да нуди „услуги“ на соиграчи што му се познати. Тоа што се посакува е конечно да се стави крај на „бришаниот простор“ за дејствување на актуелни и поранешни разузнавачи што стојат зад сите големи афери што го сопираат демократскиот пат на македонското општество. Тоа, пак, нема да се случи ако повторно се заигра на картата на амнестија, како што некои ликови од приказната се залагаат поведени од досегашната практика. Но и ако политичките партии од опозицијата своите стратегии не ги градат врз активности на разузнавачите и нивните врски во медиумите. Судејќи според активностите на опозицијата и на Специјалното обвинителство, за тоа ќе почекаме.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 175. број на неделникот „Република“, 8.01.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.