| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе се реновираат фасадите на куќите на Коџоман и на Малески во Струга

Годинава во Струга е предвидено да се реновираат фасадите на две куќи со автентичен стил, а треба да заврши и конзервацијата на фрескожипописот во црквата „Свети Ѓорѓи“…

– Во завршна фаза е процесот на ревалоризација за Струга. Речиси сите елаборати за поединечно заштитените објекти веќе се завршени. И во Струга има доста објeкти претежно лоцирани околу Спомен домот на „Браќата Миладиновци“, кој беше реновиран пред три години. Планираме да направиме конзервации на куќите на Коџоман и Владо Малески, информира директорката на Завод и Музеј – Охрид, Тања Паскали-Бунташеска, додавајќи дека за идната година планирана е реконструкција на објектите на Несторови и на Ружа Ѓореска.

Паскали-Бунташеска потсети дека веќе две години се работи на конзервација на фрескоживописот во црквата „Свети Ѓорѓи“.

– Годинава е последната фаза од конзервацијата и се надевам дека со тоа комплетно ќе заврши конзервацијата на живописот во оваа црква. Архитектурата е добро сочувана и нема потреба од реставрација, рече Паскали-Бунташеска.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска појасни дека средствата од буџетот Министерството ги распределува на конкурс.

– Не може да дадеме средства доколку некоја институција не се јавила на конкурс и не аплицирала со проект. Инвентивноста и иницијативноста мора да произлезе од институциите. Во Струга како национална институција ги имаме Центарот за култура, Музејот, а може да аплицира и општината. Конкурсот е отворен за сите и навистина се води сметка на поддршка на квалитетни проекти не само на нашите национални институции, туку и на локалните институции, општините, невладиниот сектор, рече Канческа-Милевска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top