Индонезиската полиција соопшти дека уапсила четири лица, кои се осомничени дека учествувале во денешниот напад во центарот на главниот град Џакарта, при што загинаа шест луѓе.
Нападот со бомби и огнено оружје е извршен врз кафуле „Страбакс“ во една од најпрометните улици во центарот на Џакарта, на два километра од претседателската палата.
Локалните медиуми јавија дека биле регистрирани експлозии на шест бомби и повеќе пукотници од огнено оружје.
Според индонезиската телевизија ТВ1, меѓу загинатите има тројца полицајци и тројца цивили.
Полицијата соопшти дека најмалку еден бомбаш-самоубиец активирал експлозив што го носел на себе, додавајќи дека во нападот учествувале најмалку 14 екстремисти.
Според западни медиуми, полицајците застрелале најмалку четворица од напаѓачите.
Во близина на кафулето се наоѓаат театарот „Џакарта“, ресторан на „Пица хат“, како и популарниот трговски центар „Саринах“, во кој има ресторани на „Мекдоналдс“ и други западни кујни, каде што често престојуваат странци.
Недалеку од кафулето на „Старбакс“ се наоѓаат канцеларијата на ОН, повеќе владини административни згради, како и седиштето на Централната банка на Индонезија, која денеска требаше да решава за зголемување на основната каматна стапка во земјата.
Индонезискиот претседател Јоко Видодо го осуди нападот и изрази сочуство до семејствата на загинатите. Тој, како што јави „Би-Би-Си“, побара од безбедносните сили да ги уапсат извршителите на нападот.
Последниве недели во Индонезија владее зголемена вознемиреност поради најавите за можни терористички напади од страна на изламиситите, а полицијата презеде серија мерки против повеќе лица осомничени за поврзаност со џихадистичката група Исламска држава.
Индонезија е држава со најбројна муслиманска популација во светот, но големо мнозинство од индонезиските муслимани се приврзаници на умерената форма на исламот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.