Измените на Законот за субвенциониран станбен кредит со кои ќе се овозможи реализација на проектот „Купи куќа за млади“ е во финална фаза во Собрание и денеска доби согласност од Комисијата за финансирање и буџет.
– Со измените на Законот ќе може да се имплементира проектот „Купи куќа за млади“ кој е еден чекор понатаму од постоечкиот проект „Купи куќа, купи стан“, а е наменет за младите луѓе кои немаат сопствен дом. Со измените на Законот за младите луѓе се подобруваат условите од претходниот закон и се овозможува младите лица да добијат повисок износ на субвенции и подолго да бидат субвенционирани доколку преку проектот земат кредит за купување, изградба, надградба или доградба на куќа – истакна вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, образложувајќи го Законот на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Како што посочи Ставрески, има две опции кои им се понудени на младите луѓе преку овој проект. Првата опција предвидува за период од осум години да се субвенционира 80 отсто од месечната рата – главница и камата, а следните три години се субвенционираат 50 отсто од месечната рата при што максималниот износ за кредит може да достигне 50.000 евра. Каматната стапка е утврдена за првите пет години – првите три години 3,95 отсто, четвртата и петтата година 4,44 проценти. Понатаму банката ја утврдува каматната стапка, но таа не смее да биде повисока од каматните стапки на редовните станбени кредити на банката.
– Втората опција е доколку лицето нема доволно средства за учество за да добие станбен кредит тогаш се овозможува 100 отстотно покритие на учеството од страна на Владата кое максимално може да достигне 12.500 евра за кредит од 50.000 евра. Каматната стапка во овој модел е фиксирана на 6-месечен ЕУРИБОР плус 4,5 отсто на годишно ниво за цело времетраење на отплата на кредитот. Сите средства кои ги доделува Владата се неповратни со услов додека трае отплатата на кредитот куќата да не се отуѓува – посочи вицепремиерот Ставрески.
На Комисијата за финансирање и буџет беа усвоени и два амандмана на законот со кои старосната граница на младите кои ќе аплицираат за проектот се прошири и сега ги опфаќа и оние кои имаат полни 35 години. Исто така, за проектот ќе може да аплицираат и оние луѓе кои имале стан или куќа на свое име, но во последните три години ги оттуѓиле за купување поголем дом.
– Критериумите за приходите кои лицето треба да ги има се следните – ако станува збор за лице кое не е во брак, неговите месечни приходи треба да бидат помали од 900 евра, ако пак станува збор за брачен пар приходите треба да бидат помали од 1.300 евра. Значи, приходите треба да бидат пониски од овие суми, ова е највисокиот лимит кој не треба да се надмине. Проектот е наменет за сите кои сакаат да градат нова куќа, да купат куќа од овластени правни лица што градат такви куќи или да доградат куќа на постоечко место, на куќата во сопственост на нивните родители и слично. Значи, овозможуваме широк спектар на имотно-правни состојби каде лицата може да ги искористат за да го добијат овој кредит. За кредитот може да аплицираат и лица кои не се во брак и лица кои се во брак, значи брачниот статус не е услов за аплицирање – истакна Ставрески.
Како што посочи министерот за финансии овие посебни погодности се нудат за младите бидејќи тие кога се вработуваат на почетокот немаат заштеда. Затоа на овој начин државата им помага да земат и отплаќаат станбен кредит, односно им дава поддршка на почетокот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.