| четврток, 6 декември 2018 |

Откорнати дрвја и покриви по силниот ветер во Битола и во Тетово

Силниот ветер, кој со најмоќни удари дуваше во периодот од 5.30 до 6.30 часот, предизвика повеќе штети на приватни и јавни објекти во Битола и во Битолско.

Од регионалната канцеларија на Дирекцијата за заштита и за спасување од кризи потврдија дека се прибираат информации за предизвикани штети, откорнати дрвја и стреи, а во повеќе села има и прекин на снабдувањето со електрична енергија.

– Повеќе и поконкретни информации ќе соопштиме во текот на денот – истакна Димче Јошевски, раководител на регионалната канцеларија на Дирекцијата за заштита и спасување од кризи во Битола.

Низ Тетово може да се видат и паднати дрвја и рекламни паноа како последица на силата на ветрот што дуваше ноќеска.

Брзината на ветерот се проценува на околу 80км на час а најмногу граѓаните реагирале на оштетени ламаринени покривни конструкции на висококатници на ул.Илинденска во Тетово, ни изјави Ука Алити од територијалната противпожарна единица . Оштетени се и неколку возила од падот на лимените покриви од неколку згради на оваа улица.

Според АМСМ, ветар со силен интензитет има на Попова Шапка, Стража и на Маврово.

Фото: Канал 77

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top