| четврток, 6 декември 2018 |

Хрватска: Нема веќе јунаци на Дизни на детските торти

Во Хрватска е забрането да се произведуваат и да се продаваат торти со ликови од познати цртани филмови. Ако слаткарниците ја игнорираат оваа забрана им се заканува казна од 100 до 300 илјади куни, пишуваат медиумите во таа земја.

Tortas Frozen 14

Ова соопштение го добиле скоро сите слаткарници во Хрватска. Поголемиот дел од нив досега правеле торти за детски родендени по нарачка, каде што тортите биле украсувани со ликови како Елза и Ана од Снежното кралство, нинџа-желки, Сунѓерот Боб, Пепа Прасе, како и филмските франшизи од Војна на ѕвездите. Но, како што ги информирале адвокатите, станува збор за кршење на автортските права.

Забраната во слаткарниците во Хрватска стигна по барање на фирмата „Фан кејк фектори“ во Хрватска, која единствено има право да ги продава заштитените ликови, бидејќи тие се ексклузивни партнери на англиската „Фајнбари фуд груп“, која е носител на лиценцата на Дизни.

– Нашите торти со ликовите од Дизни ги продаваме во големите трговски синџири. Нашата фирма е ексклузивен партнер, што подразбира дека мора да се придржуваме на строгите прописи и стандарди на Дизни – велат од „Фан кејк фектори“.

Слаткарниците во Хрватска се згорзени од одлуката.

– Се работи за голема загуба за нас бидејќи казните се ужасни, а тешко ќе биде да се објасни зошто не смееме да правиме такви роденденски торти. Едно е да му објасните на родителот, ама обидете се да им објасните на децата зошто не смеат да го имаат омилениот лик на тортата – коментира Ана Марчелиќ, сопственичка на една загрепска слаткарница.

Слаткарниците велат дека никој не им објаснил каде се границите. Некои сметаат дека сепак може да направат обична торта на која може да се стави фигура или фондан со лик од споменатите цртани филмови, но тоа мора да го направи купувачот. Други, пак, сметаат дека тортите се рачна изработка и подлежат на авторско дело.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top