Во склоп на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ почна да работи Руски центар за изучување на рускиот јазик, литература и култура. Отворен е од фондацијата „Руски мир“, која има мрежа од вакви центри низ цел свет. Македонија е 46. земја што добива Руски центар, а тој е 106. членка во мрежата.
УКИМ почна да го реализира овој проект пред две години, со поддршка на Амбасадата на Руската Федерација во Скопје. Тој е четврти центар за јазици на УКИМ, по центрите за италијански, турски и за кинески јазик.
На свеченото отворање денеска ректорот на скопскиот универзитет Велимир Стојковски рече дека рускиот јазик го говорат повеќе од 150 милиони луѓе во Русија, но и во други земји низ светот, дека е јазик на голем народ кој својата култура и достигнувања ги вградил во светската цивилизација, спомнувајќи некои од великаните на руската наука и култура кои твореле на тој јазик, како Ломоносов, Менделеев, Пушкин, Достоевски, Чајковски, Прокофјев…
– Затоа, изучувањето на рускиот јазик е голем предзвик за сите нас. Убеден сум дека Рускиот центар ќе биде место каде што не само студентите по руски јазик и воопшто студентите на УКИМ, туку и граѓаните ќе можат да го изучуваат рускиот јазик, култура и уметност. Се надевам и дека ќе претставува уште еден мост за зацврстување на пријателските македонско-руски односи – рече Стојковски.
Центарот ќе биде опремен со книги, списанија, дигитална опрема и видеоматеријали за рускиот јазик, литература и култура, а во неговите простории за денешното свечено отворање е поставена првата изложба „Историјата на патријаршијата во Русија“.
Амбасадорот на Русија во Македонија Олег Шчербак истакна дека во руските центри се одржуваат изложби, конференции, креативни дискусии и се места за дружење.
– Верувам дека центарот ќе им помогне на македонските граѓани, особено на младите луѓе, подобро да се запознаат и да ги сфатат минатото и сегашноста на Русија, нејзините повеќевековни духовни корени и традиционални вредности кои многу се битни за нашите народи и денес – рече Шчербак, посакувајќи му долга и успешна дејност на центарот при УКИМ.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска нагласи дека Руската Федерација е голем стратегиски, политички, економски и културен поддржувач на Република Македонија и се осврна на сите позначајни настани од соработката, меѓу кои Деновите на културата во двете земји во 2010 и 2011 година, учествата на РМ на Саемот на книга во Москва, гостувања на фестивали и манифестации, заедничките активности во рамки на Форумот на словенските култури и УНЕСКО и останатите меѓународни организации…
– Наскоро ќе ја потпишеме и новата Програма за соработка во областа на културата, образованието, науката и спортот за периодот 2016-2019 година во чиишто рамки планираме реализација на повеќе комплексни активности, заеднички програми и проекти кои ќе бидат наш придонес во градењето на патот на заемното македонско-руското културно пријателство – рече Канческа-Милевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст