Некои работи изгледаат како некое филмско сценарио. За некои сметаме дека кај нас не можат да се случат. Но, се чини, човековата психа е чудна. Никогаш не се знае што може да се очекува и што може човек да направи…
Годинава имаше неколку настани што нѐ изненадија и за кои, веројатно, во прв момент сметавме дека не се случиле кај нас… На пример, кога келнерот од еден скопски ресторан растури детски роденден… Тортата уништена, a келнер што ја теши мајката и ја убедува дека тортата, ете, некако чудно се стопила, прави обид да си „добие“ нов мобилен телефон… Или случката со жената што го остави мртвото дете во тоалет во тетовската болница…
Ова се само дел од тие настани што ќе ги споменуваме од годината што измина. Легенди имаше многу. Одвоивме пет настани, кои, за жал, иако не верувавме дека може да се случат, ете се случија…
Како Лука стана Џеки
Дали ќерката плачела, дали беше украден како подарок за да се расположи глувонемото синче или, како што многумина коментираат – обид за добра заработка од неверојатниот Лука, во скопската зоолошка градина се случи неверојатна кражба. Жена од Кавадарци со својот свршеник допатува во Скопје за да го „киднапира“ Лука и со такси да го однесе надвор од градот.
Роденденот му е во април и тогаш не му купив ништо, па сега сакав да надоместам за тоа. Претходно десетпати го гледавме мајмунчето во Зоолошката и детето многу го бендиса. Многу му се радуваше и посака да го има. Ова е само едно од малкуте нешта што можев да ги направам за него за да ја видам насмевката на неговото лице. Заедно со свршеникот и со седумгодишниот син со такси заминавме за Скопје. Таксистот нѐ чекаше во возилото, а ние влеговме во зоолошката. Прошетавме малку и веднаш отидовме кај кафезот на омиленото мајмунче на мојот син. Со алатот што го зедовме почнав да поткопувам под мрежата на кафезот. Направив мал отвор само колку да излезе мајмунчето. Го залажав со банана и тоа почна да излегува. Мојот свршеник ја соблече маицата и го завиткав во неа, па го носев мајмунчето со мене. Ја прескокнавме задната капија, каде што фрлаат отпад, и се качивме во таксито –рекла кавадарчанката.
Па така Лука стана Џеки… Но за кратко. За среќа, мајмунчето беше вратено во зоолошката живо и здраво. Еден од крадците на Лука подоцна беше фатен во нова кражба – овој пат плен беше мобилен телефон.
Дадилката монструм
Тоа од што се згрози македонската јавност беше таканаречената дадилка… Видеото на кое се гледа како шеесет и едногодишната Т.С. нечовечки се однесува со деветмесечното дете наиде на лавина реакции од граѓаните. Неверување, шок и многу прашалници – кому му ги доверуваме нашите деца.
На снимките се гледа како дадилката место да го смири плачењето на деветмесечното бебе, го тресе, му вика, па дури и го удира. По објавувањето на снимките, Основното јавно обвинителство – Скопје поведе случај по допрен глас и поднесе кривична пријава за жената што го чувала бебенцето.
Дадилката од Ѓорче Петров не се чувствува виновна за тоа што го направила. Така барем изјавила пред судот. По рочиштето на крајот на годината нејзиниот адвокат изјави дека обвинителството не треба да ја гони обвинетата за запуштање и за малтретирање малолетно лице со последица тешка телесна повреда зашто немало такво нешто… За тоа за кое се гони дадилката законот предвидува затворска казна од пет години.
Јавноста веќе пресуди, на ред е судот.
Негувателка монструм
За дадилката да не биде единствена во своето грубо однесување се погрижи една негувателка на старица. Синот на 84-годишна бабичка болна од Паркинсонова болест и од деменција, а која е и тешко подвижна, се договорил со негувателка да се грижи за неговата мајка. Тој без надомест ѝ овозможил на негувателката да живее заедно со мајка му и се грижел финансиски за сите нејзини потреби бидејќи пријавената немала сопствен дом и средства за егзистенција.
Но видеонадзорот ја „издал“ таканаречената негувателка. Камерите ја фатиле негувателката како физички ја малтретирала бабичката удирајќи ја со рацете по главата и по телото, тегнејќи ја за косата и туркајќи ја на креветот. Негувателката е во притвор. Се чека судот да ѝ пресуди за „негата“ што ѝ ја укажала на бабичката.
Пијани анестезиолози, почината родилка
Пијани на работа, згора на сѐ, медицински лица. Алкохолизираните анестезиолози во гевгелиската болница однесоа два живота. Еден штотуку почнат. Оставија малолетно дете без мајка.
Обдукцијата покажа дека 32-годишната родилка Маја Кадиева од Нов Дојран и нејзиното бебе се задушиле при изведувањето на операцијата царски рез. Мајката и новороденчето починале поради грешка на тимот што ја породувал, кои ги оставиле долго време без кислород. Трагите на телото на починатата родилка, според обдукцијата, покажале дека таа била неуспешно интубирана неколку пати.
Лекарите-анестезиолози во болницата во Гевгелија се обидувале во повеќе наврати правилно да насочат и да спуштат црево преку устата во нејзините дишни органи, но при секој обид тоа било безуспешно.
Трагедијата ја потресе целата македонска јавност. Дополнителен шок за јавноста беа резултатите од алкотестот на двајцата анестезиолози, според кој беше утврдено дека за време на царскиот рез врз родилката тие биле пијани. Кај едниот биле најдени 1,23 промили алкохол, а кај другиот 1,75 промили алкохол во крвта. Анестезиолозите добија отказ. Сега се на ред обвинителството и судот.
Пукање на клинички
Мајка ми почина и за тоа ќе ве убијам сите – ова беше причината поради која две лица направија хаос на Клиничкиот центар во Скопје. Како на филм… Болката за смртта на нивната мајка, која била болна од рак, ја претворија во хорор-филм… Се заканувале по болничките ходници, кршеле и пукале во докторот што ја оперирал нивната мајка.
Медицинска сестра раскажуваше за тоа што го преживеале и пациентите и медицинскиот персонал:
– Ми рече – да ми го најдеш каде е? Реков, кого барате? Што е работата, зошто сте толку вознемирен? Што, вели, има да ве убијам сите! Велам, почекај малку, како тоа ќе нѐ убиеш сите, што сакаш? Најдете ми го доктор Огненовиќ, ми рече. Му велам, немојте така, што е ова, соземете се. Море ќе ве убиеме, сите ќе ги убиеме, кога мајка ми е убиена, ќе ги убиеме сите! И вас ќе ве убијам!
Три истрели се слушнале на клиниката. Напаѓачите пукале во докторот што ја оперирал нивната мајка. Сестрата се присетува:
– Одеднаш слушнав пукање. Обично, човек бега кога ќе слушне пукање, но, не се правам херој, едноставно, некоја сила ме врати да одам назад. И кога стигнав некаде до собата на професорот Караџов, тој излезе и ме праша – што е. Леле, велам, изгледа го убија Огненовиќ, го убија Огненовиќ. Еден истрел слушнав, така, покрај увото, си реков – загинав, што е ова? Професорот ми вика – седи тука, чекај да видиме, велам, да одиме, човекот е убиен или којзнае што му е, да видиме. На врата ме пречекаа напаѓачите. Ме одведе тој, еден од нив, самиот, до собата на докторот. Тој момент не можам да го заборавам, мислев ќе налетам на крвишта, а тој во глава пукнат, слики некои во глава што ти се јавуваат кога си во шок. Кога влегов, тој беше свиткан во работната маса. Му реков, Љубо, синко, дај кревај глава, зборувај, јас уплашена, не можам многу да ти помогнам, зборувај.
По ова интервенираше обезбедувањето, а тројцата напаѓачи беа фатени. Судот поведе постапка за нив.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст