На 31 јануари премиерот Никола Груевски објави дека Заев го уценувал со тајно снимени телефонски разговори кои ги добил од странски служби.
„Го слушав шефот на македонската опозиција со каква гордост самоувереност и возвишеност ме информира дека странска разузнавачка служба го снабдила со нелегално и противзаконски, противуставно стекнат материјал, делумно монтиран, со цел да оствари некоја своја цел. Не можев да верувам дека човекот кој сака да ја води државата не крие дека соработувал со странски разузнавачки служби…
Поднесена е кривична пријава, меѓу кои и за лицето З.З. за „шпионажа и насилство спрема претставници на највисоки државни организации“.
СДСМ и Заев продолжуваат со објавување на монтирани аудио материјали. Организираат и собир во Универзалната сала во Скопје. Им протекува телефонски разговор во кој се зборува дека Бранко Црвенковски нудел договор кон ВМРО ДПМНЕ во пресрет на локалните избори да го менува Карпош за Центар. Од СДСМ веднаш велат дека „било грешка“.
ВМРО ДПМНЕ на низа народни собири низ државата. Никола Груевски од Прилеп му порача на Заев „дека нема да му дозволат да направи граѓански конфликт во Македонија“.
– Вика гордо, ако треба и крв ќе падне. Слушам не ми се верува, враќам назад, пак слушам, стварно тоа го збори, си велам абе човек, седи мирен и не си играј играчки, тешки зборови кажуваш, не си играј играчки, да не те лаже ѓаволот да правиш глупости, зашто ако седиме мирно и те пуштаме на глава да ни се качуваш, не значи дека ќе дозволиме и граѓански конфликт да направиш, порача Груевски.
На 2. мај партијата одржа Конгрес во Куманово.
38 повредени полицајци со бекатон плочки, шипки и шишиња, руиниран државен имот, искинато македонско знаме и три ефективни и 11 условни затворски казни. Овој епилог на насилните протести пред владата на 5. мај. Луѓето беа дојдени подготвени. Дојдоа да ја предизвикаат полицијата да има нереди и да претстават дека полицијата го тепа народот.
8 полицајци ги положија животите, а 37 се повредени на 9. мај во Куманово во полициската акција против терористичка група во населбата Диво насеље. Станува збор за една од најопасните терористички групи која изминативе години беше инволвирана во бројни напади. Во Куманово е пронајден и голем арсенал оружје. Терористичката група беше целосно неутрализирана и елиминирана.
На 10. мај, раководството на СДСМ беше во Диво насеље. Заев се сликаше насмеан како вчера на тие улици да не паднаа жртви. СДСМ не упати ни збор поддршка за семејствата на загинатите членови на полицијата, ниту ги посети ранетите. За него, оваа акција била „местенка“ на власта. Тој став неколку пати го смени. На крајот на годинава повторно се врати на конспиративната теорија.
На 12. мај самоиницијативни оставки поднесуваат Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и Сашо Мијалков. Овој потег доаѓа и во моменти кога по улиците на Македонија маршираат над 70 илјади луѓе со поддршка за полицијата и полициската акција во Куманово, што е голем симбол за тоа со кого е народот и дека народот ја поддржува полицијата и тоа што полицијата го прави за заштита на мирот и стабилноста на сите граѓани.
СДСМ на протестот доби „поддршка” од 113 косовска бригада, се слушаа скандирања УЧК, УЧК, се вееја знамиња на Голема Албанија. Поддршката за 113 та бригата е всушност поддршка за терористите кои беа разбиени во Куманово, бидејќи најголемиот број од нив беа членови на оваа расформирана бригада. Практично луѓето со кои што се гушкаше Заев беа поддржувачи на терористите во чија акција за разбивање загинаа 8 македонски полицајци.
Во јавноста протекува видео снимка, направена во канцеларијата на струмичкиот градоначалник на која јасно се гледа и слуша дека Зоран Заев бара мито од 200 000 евра од сограќанин, бизнисмен.
Заев прецизно дава насоки дека за работата која тој ќе ја заврши треба да му биде дадено мито, кое како што Заев сам кажува треба да биде уплатено кај неговиот брат Вице Заев.
Македонија е силна, не се предава, порача премиерот Никола Груевски пред 90.000 народ на големиот граѓански собир пред Собранието на РМ. Тој додаде дека Зоран Заев наивно поверувал дека ќе сме заминеле, прво за три дена, па за триесет… но, како што рече Груевски, еве не после неколку месеци, цврсти како челик. – Нема да дозволиме нашиот народ да се закрви, ова е нечесна битка, порача Груевски.
„Нашата позиција е добро позната и е во контекст на реалноста дека ние сме Македонци, говориме македонски јазик и живееме во држава со Уставно име Република Македонија. Меѓународното право треба да се почитува од сите и во сите случаи, а не наменски. Оттука одлуката од Меѓународниот суд за правдата донесена во корист на мојата земја треба да се почитува од сите членки на оваа организација, посебно зашто токму тој суд е основан од организацијата на ОН и тој треба да е гаранто на спроведување на правдата и на билатералните договори склучувани под покровителство на ОН“, порача Груевски во обраќањето во ООН.
Со договорот од Пржино на 2. јуни, а потоа и протоколот за негово спроведување, со посредништво на меѓународната заедница, се даде основа за надминување на кризата што треба да заврши со предвремени избори на 24. април 2016 година. Преговорите продолжија до доцна во годината, во кои што голема, но контроверзна, улога одигра бриселскиот посредник Питер ван Хауте.
„По 60 дена протестно кампување, се расформира Кампот на слободатапред македонската владина зграда, се собираат шаторите, столовите…“ По скоро 2 месеци кампување на најверните членови – СДСМ го растури кампот пред владата. Опозицијата зад себе остави штета од 1 милион денари. Кампот се растури по договорот за законско решение со кое 100 дена пред секои избори на сцена ќе настапи преоден премиер.
Болката на двете деца зад полицискиот кордон можеби може да се долови со фотографскиот апарат, но може само да навести низ што сѐ минале тие детски нозе. Хуманоста изискува да се помогне, а од другата страна е немоќта тоа вистински да се стори. Правилата, сепак, ги пишува нивната главна дестинација, а не Македонија. Фотографијата на Ѓорѓи Личоски го обиколи светот, поттикнувајќи ја хуманоста во секого. Но и стравот од злоупотреби како во Париз.
Во септември опозицијата се врати во Собранието, а потоа во владата седнаа технички министри и заменици министри, се воведе терминот „вето од дополнителниот заменик министер“, нови функции, лик и ингеренции на ДИК, СЈО, па нови закони за да може сето да функционира…
Официјален Израел испрати остар демант по интервјуто на Заев по средбите во Израел. Средбата со Заев била „куса и куртоазна“, се разговарало за општи прашања, не се разговарало за какви било безбедносни или финансиски прашања, стои во соопштение што го пренел израелскиот амбасадор во Македонија.
Специјално јавно обвинителство и Катица Јанева. Иако требаше да биде независно тело, избраната Јанева истовремено и идентично реагира со СДСМ. Наместо таа да ги поставува условите, игра по променливите правила на СДСМ. Врвот на потчинетоста е тоа што Заев одлучува дали, кога и како СДСМ ќе и ги предаде материјалите заради што и постои оваа институција.
Годината приврши со нов стрес „Фабрика за афери“. „Фалсификуваните пасоши” од минатата година на идентичен начин добија продолжение – со откривање фалсификувани лични карти. Брзата акција на обвинителството „ја подели“ полицијата – откри фабрика за изработка на документи кај членови на СДСМ, блиски до Заев и до министерот Спасовски, кој молчи иако на функцијата дојде со најава за решавање на овој случај.
Измерениот рејтинг на партиите го дадоа одговорот кој ќе победи на следните закажани избори. Тоа финале на политичката криза во која СДСМ ја втурна државата, повторно ја понесе СДСМ во деструкцијата и во црната кампања што се очекува да продолжи и следната година. Во меѓувреме, почна играта „ќе има – ќе нема“ избори…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст