| четврток, 6 декември 2018 |

Се отвoра Институт за кулинарски уметности, ќе предава шеф Влатко Огненовски

Подготовката на просторот предвиден за едукација на врвни шефови на кујни и кулинари, послуга и сомелиери е во завршна фаза. Институтот за кулинарски уметности е независен, пазарно ориентиран едукативен центар, но и проект за подобрување на културата на исхрана и освестување на целокупната публика за значењето на храната, адресирајќи ги страните кои ја консумираат и страните кои ја произведуваат.

Следната генерација на шефови на кујни, менаџери на ресторани и хотели и сите професионалци кои се тесно поврзани со угостителството, ќе имаат можност да учат од најдобриот мастер, шеф Влатко Огненовски и тим на експерти од земјата и странство, чија виртуозност во подготовката на храна преку овој Институт ќе се канализира во наука за храна.

Изучувањето на науката за храна преку Институтот за кулинарски уметности ќе се одвива во комбинирана програма која обединува практично и теоретско учење поделено во девет месеци, односно шест месеци теорија и три месеци пракса. Основната програма про-шеф предвидува 13 курса поделени во 100 лекции. Покрај основните кулинарски лекции, студентите ќе изучуваат англиски јазик, менаџмент, маркетинг, стандарди за храна и креативност. Најзначајно за оваа инститиуција е дека целиот кадар од дипломирани студенти директно ќе го пласира на пазарот на трудот, односно секој студент има загарантирана работа по завршување на обуката.

b49478bc-438e-48be-9c6c-9d07810246ac

Шеф Влатко Огненовски

 

 

Институтот е сместен во Центарот за дизајн и иновации Јавна соба, на третиот спрат. Покрај едукативната програма, планот за работа на Институтот вклучува организирање и посета на саеми на храна, интернационални посети, дегустации, изложби, фестивали и останати форми за интеракција со пошироката публика од земјата и светот.

Македонија е препознатлива по добрата и вкусна кујна, но и по изобилието на природни овошја и зеленчуци, што пак претставува позиционирана предност во градењето на интернационален имиџ, на кој, преку овој Институт ќе се работи во правец на надградба и систематски приод.

Овој Институт според формата, мисијата и пристапот е единствен на Балканот. Во согласност со планот, со работа ќе започне на први март, а веќе кон крајот на годината се очекува и првата генерација на професионални шефови на кујни, сомелиери и келнери.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top