| четврток, 6 декември 2018 |

Канческа-Mилевска во Охрид промовираше неколку проекти реализирани со поддршка на Министерството за култура

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска престојуваше во работна посета на Охрид, каде заедно со директорката на „Завод и музеј – Охрид“ Тања Паскали-Бунташеска промовираа неколку финализирани проекти што се спроведуваа со поддршка на Владата и ресорното Министерство.

Станува збор за три објекти опфатени со проектот за обнова за фасади во старите градски јадра, реконструкција на потпорниот ѕид зад Лапиодариумот во стариот дел на градот, како и обнова на депоата за чување и складирање културно-историски и етнолошки предмети.

– Во рамки на проектот за реновирање фасади досега во Охрид се обновени 13 објекти во старото градско јадро…Ова се значајни објекти регистрирани како споменици на културата, на кои се извршени целосна обнова на покривната конструкција, реновирање на фасадата, обнова на орнаментиката, замена на дрвенаријата, така што е вратен нивниот првобитен сјај, рече министерката Канческа-Милевска.

Во рамки на посетата на Охрид беа промовирани и целосно обновените депоа на охридскиот „Завод и музеј“, активности спроведени како дел од проектот на Владата насочен за уредување на објектите според стандардите за чување на културно-историските предмети.

– Обновени се две етнолошки и две историски депоа, како и депото за стари ракописи. Тоа се значајни проекти што се во функција на самата институција, како и во функција на сочувување на историско-етнолошките предмети, како значајни аспекти во делот на заштитата на културното наследство, рече таа, додавајќи дека ќе продолжат активностите за конзервација и презентација на богатото културно-историско наследство во земјата.

Министерката ја искористи можноста при посетата на Охрид да соопшти дека идната седмица ќе биде објавен конкурсот за идејно решение за изградба на театар во рамки на Националните институции Центар за култура и библиотеката „Григор Прличев“.

Директорката на „Завод и музеј – Охрид“ Паскали-Бунташеска од своја страна изрази задоволство што целосно се реализирани сите проекти во Охрид предвидени со програмата за работа на институцијата за 2015 година.

– Досега вкупно се реализирани 13 фасади, а за оваа година предвидена е конзервација на фасадите на уште шест објекти, од кои четири во Охрид и два во Струга. Во Охрид објектите се во центарот на Старото градско јадро на улицата „Самоилова“ на потегот меѓу Долна Порта и црквата Света Софија, рече таа.

За оваа година планирана е целосна санација на ентериерот на објектот „Куќата на Робевци“, заедно со обнова на депото за современа култура.

Инаку, за спроведените проекти во Охрид минатата година се издвоени значајни средства и тоа за обновата на трите фасади вкупно пет милиони денари, еден милион денари за реконструкција на камбанаријата на црквата „Света Богородица-Перивлепта“, 900 илјади денари за депоата, како и околу 700 илјади денари за освежување на фасадата на библиотеката „Григор Прличев“.

Проектот за реновирање на фасади на Министерството за култура е отворен до 2020 година, а со него е предвидена конзервација и ревитализација на уште најмалку 40 објекти од посебен интерес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top