| четврток, 6 декември 2018 |

Специјален сеф за ветер и магла

kolumna-naslovna175

 

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

Намерата на Специјалното јавно обвинителство да ја одржува маглата околу нелегално прислушуваните разговори кои беа и се во посед на Зоран Заев, е уште еден силен показател дека оваа, од многумина оспорувана институција, сѐ уште нема намера да ја исполни основната цел на своето постоење – да ги штити интересите на државата и на граѓаните. Со што е задолжена Катица Јанева да се поставува како заштитник на обвинетиот, а не на државата, ќе покаже времето. Но, сигурно се во голема заблуда и таа и Заев и целата опозиција, ако сметаат дека на вака наивен начин ќе ги изиграат законите и граѓаните, кои сѐ уште со трпение чекаат одговори. Јанева треба да биде свесна дека позицијата не ѝ дава ниту ингеренции, ниту моќ да ја скрие вистината од народот, макар ја чувала и во специјален сеф од еден кубен метар.

Токму затоа зачудува начинот на кој Катица Јанева одлучи да ги прими снимките без притоа да соопшти дали воопшто е направен записник на примените материјали. Со овој потег само уште еднаш покажа дека е подготвена да оди чекор подалеку во самопонижувањето и во уривањето на авторитетот на и така нестабилната институција.

Всушност, од неа никој не бара да прави кривично дело и да објави нелегално прислушувани приватни разговори, како што тоа го правеше Заев. Од неа се бара да даде основни информации за случајот кој, со договорот од Пржино, некој решил дека токму таа треба да го расчисти. Со одлуката да молчи, наместо да го расветлува случајот, таа дополнително ги зголемува сомневањата дека во специјалниот сеф нема ништо друго освен ветер и магла и со тоа само му остава простор на обвинетиот и понатаму да манипулира со овие материјали. Молкот не може поинаку да се толкува освен како немање начин да се оправдаат нелогичните ставови и потези на Заев. Но, проблемот е во тоа што Катица не е адвокат на Заев за да ги правда неговите постапки, туку обвинител, кој е прескапо платен за да спречи државата и граѓаните сѐ уште да бидат заложници на овој човек.

Токму затоа, Катица Јанева не смее ниту за момент да калкулира со информациите и мора веднаш да одговори дали Заев, конечно, ги испочитува законите и ги предаде сите 600.000 прислушувани разговори колку што тврдеше дека поседува? Ако одговорот е „не“, тогаш, исто така, треба да соопшти колку снимки предал? Има ли поим Катица каде се останатите до 600.000? Заев лажел, сѐ уште ги чува кај себе или ги поделил или продал за лични интереси?

Специјалната обвинителка, исто така, ќе мора да даде отчет пред јавноста за тоа дали добила оригинални снимки како што му беше наложено на Заев, или лидерот на опозицијата повторно дели копии? Дали обвинителката, која очигледно го остава случајот да се води според волјата на обвинетиот, може да гарантира дека тој повеќе не располага со прислушувани разговори или и за тоа ќе му верува на зборот на обвинетиот? На крај, кога планира Јанева да ги објави наводните 20.000 граѓани кои биле жртви на незаконско прислушување? Тие се првите што треба да ги дознаат одговорите на овие прашања, а не амбасадорите и странските дипломати

Давањето одговор на овие прашања не е избор на Катица Јанева, туку нејзина обврска, исто како што и е обврска да направи записник на примените материјали. Не само затоа што тоа го наложуваат законите, туку и за утре, не дај Боже, да не му текне некому да каже дека снимките испариле од сефот на Катица. Тогаш, Катица нема да биде посочувана како соработник на Заев, туку како единствен виновник за исчезнувањето на доказите.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top