Американскиот претседател Барак Обама денеска во емотивен говор кон сонародницте објави низа мерки за јакнење на контролата над огнено оружје во државата користејќи претседателски овластувања во отсуство на законски измени што ги бараше од Конгресот. Обама ги повика Американците да се „разбудат“ пред потребата да се стави точка на оруженото насилство во кое секоја година во САД гинат голем број луѓе.
Со солзи потсети на 20-те ученици од основно училиште убиени пред три години во Њутауин во Конектикат и предупреди дека на американското оружено лоби не смее да му се дозволи да блокира акции на Владата.
– Секогаш кога ќе помислам на тие деца полудувам. Затоа мораме сите да побараме од Конгресот да биде доволно храбар да се спротистави на лагите на лобито за оружје. Оруженото лоби можеби во овој момент го држи Конгресот како заложник, но не може да ги држи САД како заложник, нагласи американскиот претседател.
Тој напомена дека новите мерки не се „заговор со цел на секој да му се одземе оружјето“ и изрази уверување дека може да се најдат начини да се намали вооруженото насилство во согласност со Вториот амандман, односно уставното право на носење оружје. Со тие мерки Обама се обидува да го заобиколи Конгресот во кој мнозинство се републиканци и кој претходно блокирал негови напори да се заостри контролата врз оружјето. Обама ги обвинуваше републиканците и дел од демократите дека зад нив е моќно лоби на индустријата за оружје кои се спротиставуваат на тие мерки.
Тој планира да ја прошири контролата врз продажбата на оружје со тоа што би ги принудил продавачите во поголем број да се регистрираат како продавачи со федерална дозвола за продажба на оружје. Останатите мерки опфаќаат известување за изгубено или украдено оружје како и јакнење на инспекциите за продажба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.