Пратеникот од дијаспората Павле Саздов вчера одржа отворена трибина со македонската заедница во црквата „Свети Кирил и Методиј“, во Њу Џерси, САД, кој е најголем православен христијански храм на македонската заедница во овој дел на Америка.
Саздов ги запозна иселениците со актуелните случувања во Македонија, пред сѐ за локалните избори кои беа организирани и значењето на коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на локално ниво во општините Струга и Кичево. Пратеникот Саздов изјави: „За првпат во историјата на независна Македонија политичките партии ги оставија меѓусебните идеолошки и програмски разлики во интерес на националните интереси и прашања кои го засегаат секој Македонец, посебно оние кои живеат во етнички мешаните средини. Македонците уште еднаш покажаа дека можат да бидат единствени и сплотени кога тоа е најпотребно. За жал, нашата коалиција не успеа да победи, но нашите политички противници знаат дека од другата страна имаат рамноправен противник со кој ќе мора да соработуваат и кон кој ќе мора да покажат поголема почит и разбирање за нашите барања. Оваа соработка влева надеж дека и во иднина ќе можеме да се обединиме околу оние прашања кои претставуваат зачувување на Македонија и на македонскиот идентитет, пред сѐ мислам на разговорите со Грција и нивниот проблем со нашето уставно име“.
Разговорите за името што се водат во ОН, исто така, беа од голем интерес за иселениците кои повторија дека нема да дозволат промена на уставното име на Македонија.
Македонската дијаспора изрази задоволство од работата на македонските конзулати како и за можноста да добијат македонски пасош преку најблискиот конзулат во Њујорк.
Учителите што ја спроведуваат наставата по македонски јазик за најмладите имаа можност лично да му се заблагодарат на пратеникот Саздов за неговата помош во набавувањето на потребните учебници и учебни помагала кои беа донирани преку Агенцијата за иселеништво.
Во текот на неделата пратеникот Саздов заминува за Торонто, каде што ќе го пречека и придружува претседателот Иванов при неговата посета на Канада.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


