Во текот на изминатите пет години зголемен е бројот на вооружени судири во светот, а во 2016 година не треба да се очекува подобрување на ситуацијата во областа на решавањето на воените кризи, пишува „Форин полиси“.
Аналитичарите на американското списание направија пресек на десет најважни и најжешки точки на кои светската заедница ќе мора да им посвети внимание.
Авторот на текстот предупредува дека продолжувањето на судирите во Сирија, во Ирак, во Јужен Судан, во Авганистан, во Јемен и во Чад можат да доведат до хуманитарни последици.
На листата на внатрешни судири наведени се Турција (судир меѓу Анкара и Курдите) и Либија (каде и понатаму трае граѓанската војна). Состојбата е тензична и во Бурунди, каде расте незадоволството на населението поради одлуката на актуелниот претседател да се кандидира за трет мандат, потоа состојбата во Јужно Кинеско Море, каде САД се обидуваат да им се спротистават на растечкото влијание на Кина. Тоа може да доведе до нови жаришта.
Голем број од наведените судири не е можно да се решат бидејќи во нив се вмешани екстремистички организации, чиишто цели и идеологии не дозволуваат војната да се решава со преговори, а тоа ги поништува напорите за воспоставување мир. Време е во 2016 година да се откажеме од мислењето дека само борбата против насилниот екстремизам е начин да се сочува светскиот мир или дури и начин за решавање на кризата во една земја, на пример во Сирија, истакнуав „Форин полиси“.
Аналитичарите на списанието оценуваат дека повеќето од наброените судири бараат соработка на неколку нивоа меѓу сите учесници во светските политички процеси.
Државите мораат да ги удвојат своите напори за изнаоѓање систем на политички договори, да ги користат и најмалите можности за постигнување компромиси, посочува „Форин полиси“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.