Плетвар е рак-рана не само на прилепчани, туку и на целиот регион. Тендерите се завршени и експресно ќе почне изградбата на експресниот пат и доградба на третата лента, со што многу ќе се зголеми сигурноста и безбедноста во сообраќајот на овој патен правец. Но, не само што ќе се зголеми безбедноста,туку ќе се зголеми и конкурентноста на овој реон во привлекување домашни и странски инвестиции – вели градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески. Тој зборува за инвестициите во градот, за спомениците,туристичките атракции, инфраструктурата…
Што направи локалната власт во 2015 година за подобрување на економската и на социјалната положба на прилепчани, за намалување на невработеноста и за подобрување на условите за стопанисување? Се случи влез на неколку странски инвестиции, вредни неколку милиони евра, како американската „Гентерм“, германска групација „Акомпласт“, италијанската „Буци Буци“ за производство на рефлектори…
Ристески: Главното залагање на локалната самоуправа и на Владата на РМ оваа година беше комплетно уредување на индустриските зони и привлекување домашни и странски инвестиции. Во контекст на тоа ТИРЗ во близина на Алинци доби комплетно уредена инфраструктура, водоводна мрежа, електрична инсталација, оптички кабли, асфалтирани улици… и ефектот веднаш беше видлив. Во ТИРЗ веќе се гради еден голем комплекс на мултинационалната компанија „Гентерм“, инвестиција повредна од 20 милиони евра, во која ќе се вработат повеќе од 2.000 невработени лица од Прилеп и од околината. „Гентерм“ првично почна да работи во 2.000 квадратни метри , а планирано е да се протега на 25 илјади квадратни метри, каде што ќе бидат сместени најсовремени машини и каде што ќе се произведуваат грејачи за потребите на автомобилската индустрија. А, индиректно, со неа ќе се активираат и голем број локални фирми, како компании за превоз, компании за обезбедување, служби за доставување храна итн. и токму оваа инвестиција ќе ги размрда прилепското стопанство и услуги и ќе го подобри локалниот економски развој, па затоасо отворањето на „Гентерм“ очекувам уште 300 до 400 нови вработувања.
Но, интересот за оваа индустриска развојна зона не изостанува. Како и што најави премиерот при посетата на Прилеп, во тек се преговори за уште една мултинационална компанија од автомобилската индустрија, која е заинтересирана да вложува во ТИРЗ, реномираната „Акупмласт“, која, можеби, е помала од „Гентерм“, но ќе овозможи 300 до 400 нови работни места, што би значело дека 300 до 400 фамилии ќе имаат егзистенција од оваа компанија. Нејзината изградба е предвидено да почне годинава, со план да се прошируваат и да се зголемуваат капацитетите.
Но, и други компании се интересираат за ТИРЗ во Алинци, кои зоната ја гледаат како сериозна можност за инвестирање зашто има многу плацеви што може да ги понуди Дирекцијата за слободни економски зони.
Локалната власт им понуди неколку економски зони за развој и за проширување на домашните компании. Има ли интерес кај нив за проширување на производствените погони? Што направи локалната власт во 2015 година за да го поттикне нивниот развој?
Ристески: Локалната власт прави големи напори за изградба на индустриските зони што ги предвидовме во генералниот и во деталниот урбанистички план, така што имаме комплетно уредување на индустриската зона „Прилеп 1“, каде што се продадоа многу плацеви и се појави потреба за изградба на инфраструктура. Изградба ја презеде локалната самоуправа, изгради водоводна мрежа , електрична инсталација, асфалтира патишта… направи сѐ што е потребно за функционирање на индустриските капацитетите. Досега локалната власт има вложено речиси еден милион евра за оспособување на оваа економската зона, која има 20 парцели.
Некои од домашните компании купија и по две парцели на јавното надавање и оваа економска зона веќе е распродадена. На неа веќе градат фирмите „Донија депилиор голдан“, „Тритекс“, „Марфил“…, но и други инвеститори што купиле плацови во оваа зона веќе имаа подготвено проекти и се подготвени да градат. Во економската зона „Прилеп 1“ се очекува да има од 10 до 12 компании што би ангажирале 1.500 до 2.000 невработени лица.
Поради успешно завршниот проект – влезот во градот на потегот од „Лукоил“ до „Солидност“, добивме нов гранд од Светска банка во висина од 130 илјади евра, кои решивме наменски да го искористиме за финансиска поддршка за изградба на инфраструктурата во индустриската зона „Прилеп 1“. Веќе е избран изведувач и продолжуваат активностите за инфраструктурано уредување на оваа зона. Значи, даваме приоритет на економијата и на отворањето нови работни места, така ги поттикнуваме и домашните инвеститори да вложуваат и да отвораат нови работни места.
Моментно се работи и на зоната „Прилеп 2“, каде што имаме 15 локации. Анализите ни покажаа дека има голем број мали и средни претпријатија од незаканувачката индустрија, кои имаат интерес да ги прошират своите капацитет. Значи, наскоро и ова економска зона, „Прилеп 2“, ќе биде распродадена и ние ќе почнеме со комплетно инфраструктурано уредување и на оваа зона, со што и тука очекуваме работно да бидат ангажирани 1.000 нови вработувања. Воедно, работиме и на економската зона „Прилеп 3“, но таа ќе биде отворена откако ќе завршиме комплетно со двете индустриски зони, „Прилеп 1“ и „Прилеп 2“. Сето ова говори дека постои убава перспектива многу компании да инвестираат во градот Прилеп и да отворат нови работни места.
Тутунот и Прилеп се заемно поврзани, како преку производството на тутн и големиот број кооперанти, така и преку постоењето на еден од најголемите комбинати за тутун , Тутунскиот комбинат – Прилеп, во која се вработени поголемиот дел од работноспособното населени во Прилеп. Формирањето на заедничкото друштво на Тутунски комбинат – Прилеп и на „Филип морис“, во 2015 година создаде поволен амбиент да се активира и „разбуди“ стопанскиот „загубар“ и да му се даде можност да застане на нозе. Што значи влезот на големата тутунска компанија „Филип морис“ за градот на тутнот?
Ристески: „Филип морис“ е најголема светска тутунска компанија и влегувањето во Тутунскиот комбинат значи една голема стабилност не само за вработените, туку и за целиот град и за околината, за кооперантите и за производителите на тутн. Се направи еден одличен социјален пакет, каде што 400 до 500 луѓе доброволно замина, а со воведувањето нови машини, нова технологија, почнува производство на светските реномирани цигари,„малборо“, со што значително се подобрува економската состојба на комбинатот, што влева надеж дека од загубар ќе премине во доходовна компанија. Тоа за Прилеп и за компанијата значи стабилниот. Несомнено, со Тутунскиот комбинат се поврзани и кооперантите, производителите на тутн, кои оваа година ги зедоа субвенциите и, како што почна откупот на тутун, се задоволни и од откупната просечна цена, а сето тоа е од голем интерес за градот, за регионот, па и за РМ бидејќи голем одлив на финансиски средства, милиони евра, би рекол, се слеваат во нашиот крај токму преку производството на тутн и откупот на тутун и добивањето субвенции.
Но, кога говориме за привлекувањето на инвеститори и инвестиции, многу важен сегмент е инфраструктурата што ја нуди градот? Како го отсликувате инфраструктурното уредување на Прилеп кога станува збор патната инфраструктура, изградбата на канализациска и на водоводна мрежа, паркови…?
Ристески: Плетвар е рак-рана не само на прилепчани, туку и на целиот регион. Тендерите се завршени и експресно ќе почне изградбата на експресниот пат и доградбата на трета лента, со што многу ќе се зголеми сигурноста и безбедноста во сообраќајот на овој патен правец. Но, не само што ќе се зголеми безбедноста,туку ќе се зголеми и конкурентноста на овој реон во привлекување домашни и странски инвестиции. Од досегашното искуство, сите инвеститори што доаѓаат во Прилеп прашуваат кога ќе се догради патниот правец Плетвар.
Со ветување на Владата на РМ, за една и пол година ќе имаме нов патен правец, кој ќе ја зголеми и безбедноста и инвестициската конкурентност на Прилеп и на регионот. Меѓутоа, не е битен само Плетвар. Важна е вкупната патна инфраструктура во градот и во населените места, локалните, регионалните патишта. Затоа постојано инвестираме во нив, градиме, доградуваме и Прилеп е рекордер во изградба на патната инфраструктура – има изградено повеќе од 200 км патна инфраструктура во целата општина. Со помош на Владата се изгради патот до манастирот „Св.Петка“ во Лениште, патот до Маркова чешма во т.н викенд-населба, почната е изградбата на патниот правец до село Волково, ќе се гради пат до манастирот „Прилепец“, но имаме многу проекти за другите населени места: Полчиште, Бешиште, Крстец, поврзување на Бонче со Подмол… и, како што има достапни програми, дали од Влада или од министерствата, или од ЕУ, ние кога веќе ги имам проектите, аплицираме за да реализираме што повеќе патни правци. Порано речиси не постоеше асфалтиран пат до село, а сега речиси не постои „живо“ село во општина Прилеп, а да нема асфалтиран пат до него. Во иднина, интенција, како локална самоуправа, ни е целата територија на општина Прилеп да ја покриеме со асфалт, односно да има асфалтиран пат до секое населено место.
Но, се разбира се обидуваме во населените места да донесеме и чиста вода за пиење и да изградиме канализациска мрежа. Канализации се изградени во населените места што имаат повеѓе од 1.000 жители: Канатларци, Мало и Големо Коњари и веќе се прават проектите и за населените места со помал број жители. Ќе бидам презадоволен доколку во овој мој трет мандат како градоначалник, барем пет населени места добијат канализациски мрежи бидејќи изградбата на една канализациска мрежа со пречистителна станица изнесува повеќе од половина милион евра, значи е скапа инвестиција, но корисна за подобрување на условите за живеење во населените места што се дел од општината. Водоводните мрежи веќе се поставени речиси во секое населено место, а се прават напори село Лопатица да добие водовода мрежа, а и Кадино годинава треба да добие квалитетна вода за пиење…
Но, никако не го изоставаме инвестирањето во патната инфраструктура и во градот. Изминатата 2015 година имавме многу инвестиции на тој план според програмата на локалната самоуправа. Се асфалтираа многу градски улици на периферијата, се направи канализациска мрежи, на многу места поставивме ново улично осветлување, и слободно можам да кажам дека Прилеп е еден од најосветлените и најекономични градови во тој поглед. Продолжуваме со изградба на тротоари. На пример, тротоари ќе се градат на ул.„Трајко Николоски“, „А.Македонски“, на потегот од „Д.Наредникот“ до Сточниот пазар, на ул. „Борка Талески“, „Ленин“ и на други пофреквентни улици по кои се движат повеќе пешаци.
Продолжуваме и со изградба на кружи текови на крстосниците, кои се покажаа како подобра опција за регулирање на сообраќајот од семафорите. Во 2015 година се заврши кружниот тек кај крстосницата кај „Солидност“, а по изградбата на прекрасниот влез кај „Лукоил“, сега веќе почнува изградба на авенија на потегот од кружниот тек до кај училиштето „Г.Делчев“, па сè до мостот „Табана“, каде што се планира в година, исто така, да се изгради кружен тек. Ќе се градат и неколку пешачки мостови за поврзување на двете страни на реката
Парковите се украс на градот. Во 2015 година изградивме и урбано го уредивме паркот во нас. Точила 2, за до крајот на годинава да ја уредиме парковски и населба Точила 3. Нови паркови в година ќе никнат и во населбата Бончејца, населбата Ѓоѓдерe, ново детско игралиште е планирано во населба Рид 1 и, секако, изградба на музички парк во нас. Врбејско мало, за кој тендерот е завршен, наскоро ќе почне реализацијата. Што значи Прилеп ќе добие нови катчиња, нови зелени површини за одмор и за рекреација.
Тука би го надополнил и градскиот превоз, како проект со кој денес се гордееме. Почнавме со пет автобуси, а денес сообраќаат 10, а веќе имаме и тендер за набавка на нови автобуси за потребите на градскиот превоз, со што ќе бидат докомплетирани линиите таму каде што недостигаа, а во план е и поврзување на населените места, кои се поблиску до градот, но и линија за тополчанскиот регион, мариовскиот крај…
Реконструкцијата на водоводната мрежа и проектот „Изградба на пречистителна станица“ создаде раскопани улици и мало незадоволство на граѓаните. До каде е тој проект? Кога ќе се санираат улиците во градот?
Ристески: Првата фаза, поставување на примарната канализација во должина од 23 километри, заврши успешно. Проектот се работеше една година и даде услов за почнување на втората фаза. Пред две недели Владата потпиша договор со ЕУ за продолжување на втората фаза од овој проект, што значи, во наредниов период ќе се градат нови 47 км канализација во различни делови од градот, што би значело вклучување на секундарната во примарната канализација. Паралелно со овие две фази имаме и изградба на пречистителната станица што ќе се наоѓа на потегот Кадино, Жабино мало, М. Коњари и Сточен пазар, што би овозможило целата отпадна вода да се слева во колекторски систем, а потоа да се прочистува. Тоа значи дека за една и пол година Прилеп ќе има комплетна внатрешна и надворешна инфраструктура, но мора да нагласам дека во наредниот период ќе има многу копање и прекопување. Поради тоа, ќе ги замолам граѓаните да бидат стрпливи бидејќи сите улици што ќе се копаат за таа канализација, а канализацијата е основа за хигиенско функционирање на градот, ќе бидат реконструирани. Затоа и некои улици сѐ уште не се асфалтирани. Со оваа втора фаза на реконструкцијата на канализациската мрежа ќе бидат опфатени улици во нас. Тризла, во нас. Чачорица, „Под кули“, дел од улиците во Варош, во населбите наспроти црквата „Св Петка“, улици во населбите Ножот, Штавичко маало, Тапани…
Откако ќе заврши овој проект, Прилеп ќе биде единствениот град во Македонија со квалитетна канализациска мрежа, која ќе го подобри квалитетот на живеењето на прилепчани и најчиста река во Македонија.
Каква е понудата на станбен деловен простор во Прилеп? Има ли Прилеп доволно побарување и простор за градба на домови? На ова поле, што е постигнато во изминатава 2015 година? Што не е довршено или треба да се доврши?
Ристески: Ги искористивме можностите од Законот за градежно неизградено земјиште. Се продадоа повеќе локации со цел годинава да почне изградба на повеќе колективни станбени објекти и деловен простор. Со зголемувањето на понудата, очекуваме да паѓа и цената за квадратен метар за станбен и за деловен простор во Прилеп. Но, пред сѐ, како локална власт, наша интенција беше да се раздвижи градежниот сектор, кој ќе ангажира многу луѓе.
На ова поле е и проектот наречен „Градина“ за индивидуални семејни куќи, за млади брачни двојки, каде се продадени повеќе од 40 локации. Цената на еден квадратен метар достигнува едно евро или едно и пол евро, и е поволна, затоа интересот за овие локации е голем. Локации за продажба во населба „Градина“ има сѐ уште, за тие што се заинтересирани за изградба на индивидуални куќи. Во меѓувреме, заврши и тендерот за изградба на инфраструктурата и оваа населба ќе биде комплетно инфраструктурно уредена и ќе преставува една од најмодерните населби во Прилеп. Воедно, младите брачни двојки што сакат да купат куќа или стан можат да ги искористат и владините мерки „Купи куќа-купи стан“ или најновите мерки за решавање на станбеното прашање за млади брачни двојки, а Прилеп излегува в пресрет во изградба и нудење услови за исполнување на желбата на младите да имаат свој дом.
На ова би го надоврзал и процесот на легализацијата, каде што предводиме како град. Досега имаме легализирано повеќе од 8.000 објекти, а тој процес со забрзано темпо ќе се одвива и во наведениот период и ја поздравувам одлуката на Владата за продолжување на рокот за легализација на дивоградбите.
Во контекст на домувањето се направи и голем проект за социјално ранливите категории. Со помош на Владата и Акционерското друштво за станбен и за деловен простор се изгради т.н социјална зграда, по сите европски стандарди, втора во Прилеп, каде што ќе можат да се сместат 77 социјално загрозени семејства.
Младите се нашата иднина. Добрите услови за работа овозможуваат поквалитетна грижа за децата, поквалитетна настава, можност за постигнување повисоки резултати.
Ристески: Најбитни проекти за мене се вложувањето во образованието. Досега имаме инвестирано преку 12 милиони евра во сите образовни институции во општината, вклучувајќи ги основните средните училишта во градот и населените места и Основното музичко училиште. Изградивме нови спортски сали, спортски терени за подобрување на физичкиот развој на учениците, се промени столаријата во многу училишта, фасадите, купивме нов инвентар, се уредуваа училниците, тоалетите… Нема образовна установа што нема добиено нов изглед. Секоја година вложуваме повеќе од еден милион евра во образованието.
Оваа година од капиталните објекти што ќе се реализираат е поставување парно греење во ООУ „К. Гаврилоски -Јане“, промена на столаријата во ООУ „Б.Конески“, ООУ „Кочо Рацин“, изградбата на спортска сала во СОУ „К.Јосифоски –Питу“, во тек е изградба на спортска сала во ООУ „Д. Јованоски“ итн. Ние ги знаеме приоритетите и потребите на секое училиште, секое училиште има задача да направи проекти, а наше е да ги реализираме.
Но, тоа што е интересно оваа година е изградбата и на нови училишта во с. Беровци , с. Галичани и с. Чепигово. Се реконструираа старите училишта во населените места. Ветивме дека ќе изградиме училиште во Сточен пазар и морам да им се извинам на жителите од оваа населба што не успеавме да го реализираме тоа порано бидејќи имавме проблеми со земјиштето на кое требаше да се гради. Се појавија и приватни сопственици на дел од тој простор и мораше да бараме алтернатива. Проектот сега се изработува според тоа што го имаме како државно земјиште за да не одлеваме буџетски општински средства за експропријација на земјиштето, односно купување земја од приватните сопственици, туку да ги искористиме парите за градба на самото училиште. Сметам дека в година ќе бидеме сведоци на изградба на едно современо училиште за петолетка за децата од населбите Сточен пазар и Жабино мало.
Размислуваме во тој дел на градот да направиме и градинка. Во градот недостигаат градинки, иако велиме дека наталитетот се намалува. Веројатно, поради ниската цена за дневен престој во државните градинки, интересот кај родителите е голем, а капацитетите се недоволни. Анализите покажуваат дека недостигаат 200 до 300 места. За таа цел веќе се уредуваат простории во Работничкиот универзитет, кој во иднина делумно ќе прерасне во градинка со капацитет за 60 до 70 деца, а дел со средства од локалната самоуправа, дел од Владата ќе се реконструира и ќе биде отворена и старата градинка од Тутунскиот комбинат. Но, би ги повикал граѓаните да размислат и за изградба на приватни градинки или домови за стари лица, со одредено субвенционирање, кои ги нуди Владата, па да ја искористат ова идеја за свој бизнис, а ние како локална самоуправа ќе помогнеме во информирањето. Планираме да отвориме градинки и во населените места: Беровци, Канатларци и Коњари. Јас сум убеден дека до крајот на 2016 година Прилеп ќе го зголеми капацитетот за 300 нови места за грижа за деца од предучилишна возраст.
Што направи Прилеп во 2015 година за развој и за подобрување на забавно-културниот живот, за спортувањето на младите, за нивни психофизички развој ? Има ли Прилеп денес квалитетна спортска инфраструктура?
Ристески: Еден од приоритетите на локалната самоуправа е развој на спортот, пред сѐ психофизичкиот развој на младите. Направено е многу во инфраструктурата за спорт. Комплетно се заврши салата во СОУ „Кузман Јосифоски – Питу“, се доградува салата во ОУ „Добре Јованоски“, направен е стадион вреден околу 700 илјади евра со вештачка трева во типските куќи. Заедно со помош на ФКМ УЕФА и на општинскиот фудбалски сојуз се најави уште еден крупен проект за нашиот град, а тоа е комплетна реконструкција на градскиот стадион „Гоце Делчев“. Ќе бидат вложени еден милион евра, а поголем дел од средствата се донација од УЕФА, меѓутоа остатокот се од локалната самоуправа. Ќе бидат поставени нови рефлектори на стадионот, нови седишта, ќе се покријат одредени делови и ќе се реконструираат трибините, ќе се реконструира и самата тревна површина и, секако, гардеробите. Односно, на стадионот да може да се одигруваат меѓународни натпревари. Се реконструираат и неколку други игралишта во градот. Се работи на фудбалско игралиште во Алинци. Очекуваме да ги реконструираме и фудбалските игралишта во селата Канатларци и Големо Коњари. Исто така, тревата што ќе се вади од градскиот стадион ќе биде поставена на еден од постојаните стадиони во градот за да се овозможи да има повеќе места за тренинг и за одигрување натпревари. Очекуваме изградба на тениско игралиште во дворот на гимназијата „Мирче Ацев“, што е проект на Агенцијата за млади и за спорт, како и мултинаменско игралиште во населеното место Канатларци.
За поголем адреналин – изградба на скејтерски парк и патека за мотокрос
Годинава, секако, ќе бидат изградени и реконструирани и други игралишта што се наоѓаат во дворните места и надвор од дворните места на училиштата по населбите и тоа за мал фудбал, за кошарка, за одбојка. Во 2015 година се изгради еден прекрасен скејтерски парк. Мотокрос-патеката веќе ја надополнуваме секоја година. Планираме токму на таа патека да се одвива европско или да аплицираме и за светско првенство што ќе претставува дополнителна туристичка и спортска атракција. Болдерингот веќе е влезен на голема врата. Маунтибајкот е во градот, велосипедизмот зема сè поголем залет и го поддржуваме. Исто така, и параглајдингот, со изградбата на платформата под Трескавец, што овозможува одвивање на европски и на светски купови.
Благодарение на јавно-приватно партнерство се изгради балон-сала во ОУ „Блаже Конески“. А моментно се гради и ќе биде готова балон-салата и во дворното место на ОУ „Гоце Делчев“, што е донација од Лозана, Швајцарија. Секако дека Прилеп е колепка на голем број таленти во индивидуални спортови, како во карате, во џудо. Голем број успешни спортисти имаме и во бокс, во борење…
Спортските имиња ФК Победа и РК Прилеп
Меѓутоа, секогаш Прилеп бил познат по два спорта. Тоа се фудбалот и ракометот. И ние како локална самоуправа сме должни заедно со бизнис-секторот да инвестираме токму во овие спортови. Директно ги поддржуваме овие два клуба, а тоа е фудбалскиот клуб Победа, кој е препознатливо име во градот и ракометниот клуб Прилеп. Увидовме дека ракометниот клуб Прилеп имаше успешна сезона, заврши на второто место. Вицешампион е во македонската Суперлига и го врати ракометниот сјај на нашиот град. Благодарност до клубот, до тие што го водат клубот, до тренерот, до играчите. Направија голем успех за градот Прилеп и лично за себе бидејќи веќе станаа навистина сериозни ракометни играчи и дел од нив сигурно во иднина би биле и наши репрезентативци. Исто така, се стабилизира и состојбата со Победа. Тимот имаше и добри и лоши настапи во текот на оваа сезона, меѓутоа, во бодовното салдо не е многу големо, некаде четири-пет бода разлика од првиот. Се надевам дека наредната сезона, со промената на менаџментот на Победа и со купување на уште неколку клучни играчи, би биле едни од главните претенденти за освојување на првите три места што водат во првата македонска лига, каде што ѝ е местото на Победа. Од бизнис-секторот би ги повикал да има повеќе интересенти што би вложиле во Победа со што би се направила една добра финансиска основа за да ја вратиме таму каде што ѝ е местото, а тоа е на врвот од македонскиот фудбал.
Прилеп нема ниту море ниту езеро, но има голем број манастири, културни и забани манифестации. Има ли Прилеп можност за развој на туризмот ? Има ли градот туристички атракции вредни да се посетуваат?
Ристески: Имаме многу културни манифестации на кои имаме што да покажеме. Навистина, Прилеп овој период се воздигна во еден од центрите на Балканот за развој на тој т.н. фестивалски културен туризам, кој зема најголем замав во светот. Значи, ако видите кои градови во светот се најпосетени, тоа не се градовите што излегуваат на море или со некои плажи и сл., како што се Париз, Будимпешта, меѓутоа имаат што да понудат. Имаат многу културни содржини, имаат споменици, имаат манифестации, имаат со што да се пофалат. Прилеп во овој период развиваше една гранка што ѝ беше непозната на Република Македонија, културен туризам. И успеавме до некаде во тоа затоа што Прилеп, освен Скопје и Охрид, има најмногу туристи што го посетуваат во текот на годината. Би го истакнал тука „Пивофест“, џез-фестивалот, карневалот за Прочка, Мариовско-мегленските средби, Театарските игри, богатото и долго културно лето… Исто така, 11 Октомври, Свети Никола, ете, и како патрон на градот, меѓутоа и како своевидна туристичка актракција. Новата година секогаш спектакуларно се дочекува во центарот на градот под Марковите кули. За туризмото придонесува и самото уредување на Старата чаршија, новите плоштади, фонтаните, парковите, новите споменици, културно-историските знаменитости што се реконструираа во минатиот период. Се реконструираа и Могилата на непобедените, Участакот, Градскиот часовник… Се направија навистина интересни содржини, кои ги привлекуваат луѓето да доаѓаат, а кога ќе заминат од Прилеп, заминуваат со прекрасни впечатоци, а сето тоа е надополнето и со одличната хигиена и чистота на градот и со уредените паркови. Но, да не ја заборавиме и Старата чаршија, срцето на Прилеп. Посетителите се презадоволни од амбиентот, од луѓето што работата, од угостителските услови. Имаме прекрасни ресторани. Прилепската кујна е секогаш една од најдобрите во Македонија, особено прилепската скара и познатиот прилепски ширден. И,сето тоа, придонесува за развој на туризмот.
Развој на манастирски туризам и изградба на цркви – белег на годината што измина
Меѓутоа, ние развиваме уште еден вид туризам – манастирскиот туризам. Деновиве заврши тендерот за изградба на конаците на манастирот Трескавец. Со изградбата на патот и конаците, во иднина Владата ќе вложи околу еден и пол милион евра и, дефинитивно, ќе биде најпосетениот манастир во Македонија. Тоа го тврдам. Да споменам дека се изгради и источниот конак во манастирот „Св. Архангел Михаил“, со што ја зголеми својата атрактивност и удобност за посета.
Се изгради пат и се направи комплетна реконструкција на еден од најубавите манастири во Македонија, а тоа е манастирот Зрзе, кој ете, кога и да го посетите, особено кога има сончеви деновите, стотици и стотици се упатуваа кон него. Во контекст на ова, во програмата на Министерството за култура има одредено средства за реконструкција на црква и на манастирот „Св. Никола“ во селото Манастир во Мариово, кој, исто така, е многу стар и атрактивен манастир, кој датира од 13 век и верувам дека ќе преставува еден од најпосетените манастири поради неговата археолошка, културна и духовна вредност, но и природата убавината, чистата екосредина што ја нуди овој крај. А ние, како локална власт, направивме патна инфраструктура и до таму, што беше наша обврска.
Меѓутоа, и до другите манастири што се во околината на градот изградивме патна инфраструктура. А, како демохристијанска партија, која ја почитува верата, изградивме и многу цркви за потребите на граѓаните на Прилеп. Така, по 100 години, во 2015 година, се освети црквата „Св. Петка“. Исто така, се надевам дека до првата половина на оваа година ќе бидат осветени уште две важни цркви, „Св. Пантелејмон“ во кругот на болницата и „Св. Наум Охридски“ на почетокот од Могилата, на влезот од градот, околу кои ќе се градат и убаво, хортикултурно уредени плоштади.
Во 2016 година ќе се изгради и плоштадот околу црквата „Св. Петка“ во населбата Точила и ќе се догради камбанаријата, со што граѓаните од оваа населба, покрај црква, ќе добијат и прекрасен плоштад како збирно место, како центар на Точила. Се освети и црквата „Св. Елена и Константин“.
Во наредниот период во генералниот и во деталниот план се предвидени уште три маалски цркви во населбите Жабино маало и Сточен пазар бидејќи луѓето таму имаат потреба од вакви објекти, а ние секогаш, како локална власт, сме во дослух со луѓето и со нивните потреби.
Другите две цркви се планирани во населбите Тризла и во Марино маало, а ако даде Бог, заедно со бизнис-секторот и со граѓаните, како што ги изградивме овие цркви, за неколку години ќе бидат доградени и овие, најавени верски објекти.
Капела – за почит кон покојните
Да нагласам дека, иако ова, можеби, не е поврзано со туризмот, меѓутоа по барање на граѓаните, зашто Прилеп немаше капела, минатата година се изгради и капела во Новите гробишта. И благодарение на здружението што ги одржуваше гробиштата, со нивни финансиски средства и од локалната самоуправа, веќе и во Старите гробишта се гради уште една капела.
Џамија – за соживот
А, кога сме кај религиските објекти, за потребите на ромските муслимани што живеат во ромската населба Тризла, забрзано се гради и ромската џамија, која е, исто така, на општо задоволство на нашите браќа Роми муслимани. Прилеп отсекогаш бил пример за соживот. Така бил во минатото, така е сега, а така ќе биде и во иднина. Ни завидуваат многу градови на тоа како ние заедно живееме со ромското население, со кое сме од различна вероисповед, меѓутоа, толку многу се согласуваме, така што е прекрасно да се живее во овој град на соживотот и на меѓусебното почитување
Прилеп не заостанува во однос на владиниот проект за поставање спомен-обележја. Оваа година „никнаа“ неколку споменици со ликови од културното и од историското минато на овој град, во централното градско подрачје. Беа ли потребни дополнителни спомен-обележја во градот?
Ристески: Поставивме многу споменици и јас сум горд на тоа. Има многу луѓе што викаат „зошто ви се споменици“, но мислам дека тие луѓе не ги ценат и почитуваат историјата и минатото на Прилеп. Спомениците се одраз на тоа што бил градот во минатото и сега, а Прилеп отсекогаш бил културен, политички, економски центар и затоа ние, како прилпечни, отсекогаш се гордееме со делата на одредени луѓе, наши сограѓани, како што е Марко Цепенков, и со должна почит бевме обврзани досега да имаме барем еден споменик со обележје за тоа што го имаат тие направено за нас, за Прилеп, за Македонија и пошироко. Оваа локална самоуправа, во минатиот период изгради повеќе спомен-обележја, тргнувајќи од Карпалак, прилепски бранители, Блаже Конески, Круме Кепески, тука е Кузман Јосифоски – Питу, Ѓорче Петров, Пере Тошев, споменик на Пеце Атанасоски. Исто така, се направи и споменик на легендата на овој крај, Итар Пејо, кој го познаваат посебно во мариовскиот крај. Во 2015 година, по не знам колку децении чекање, се изгради и споменик на последниот македонски крал што живеел во Прилеп, на врвот од Марковите кули, по што Прилеп го знаат и како Марков град. Споменикот на Крали Марко денес го краси центарот на градот. Се направи импозантен споменик, што ќе биде сегашен и иден симбол на градот Прилеп. Меѓутоа, ние нема да престанеме тука со изградбата на споменици. Ќе продолжиме и понатаму и тоа исклучително на личности што потекнуваат од Прилеп и од овој крај и кои нѐ имаат задолжено нас, како сегашни и идни генерации. Најмалку што можеме да направиме за тие значајни луѓе е да им поставиме спомен-обележје за да се потсетиме на нивните дела.
Во иднина предвидена е изградба на споменици на Методија Шаторов – Шарло, споменик на Битката на ножот, која е една од најголемите битки по илинденската епопеја, која се случила во прилепскиот крај. Ќе биде изградено и спомен-обележје на Мирче Ацев, а ќе бидат поставени и многу ѕвезди на патеката на славните на заслужни прилепчани од областа на културата, литературата, тоа со што го воздигнале Прилеп, за тој да е тоа што е денес, колепка на голем број истакнати борци за слобода, литерати, поети, музичари, основополжници на македонската литература и култура… Ние сме денес горди прилепчани токму со делата на сите овие луѓе за кои се поставени спомен-обележја во различни делови во центарот на градот.
Кои се вашите желби за новава година?
Ристески: Како градоначалник посакувам многу нови проекти за поубав Прилеп, во интерес на моите сограѓани, да го подобриме квалитетот на живеење, да донесеме нови инвестиции, да отвориме нови работни места, да внесе повеќе спортски дух, да имаме поуспешни спортски клубови.
На моето семејство и на сите семејства во општина Прилеп, сепак, пред сѐ,во новата 2016 година им посакувам многу здравје, среќа, мир, благосостојба, да постои меѓусебно почитување и заедно да напрвиме уште многу поуспешни проекти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Последни подготвки за најголемата забава во Македонија – Пиво фест 2017
-
Марјан Ристески: Прилеп е подготвен за Пивофест, очекуваме гости од цела Европа (Видео)
-
Италијански компании заинтересирани за инвестиции во производството на мермер во Прилеп
-
Песна и бакнежи за Ристески: Пензионерките од Прилеп го изненадија градоначалникот (Видео)